Најуспешната македонска компанија, Алкалоид Скопје АД, која е на врвот на листата најголеми извозници од земјава со извоз од над 200 милиони еввра во повеќе од 50 земји, последнава година бележи силен раст на извозот во Романија.
За менаџентот на Алкалоид, Романија е стратешки важен пазар. За зајакнување на позициите на овој пазар, пред една година Алкалоид основаше сопствена компанија, а за само една година продажбата бележи раст од 66%.

Производите на Алкалоид се присутни на романскиот пазар неколку години наназад, а моментално фармацевтската компанија пласира околу 20 производи на романскиот пазар, од речиси 250 производи од портфолиото на компанија.
Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид за реномираниот романски весник “Business magazin” вели дека имаат големи планови за Романија, меѓу кои се зголемување на тимот, на портфолиото на производи и на популарноста на брендот.

Во една динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите, вообичаено, одговараат на инвестициите, вештините и на знаењето, кои во последните две децении строго ги насочивме кон глобално позиционирање на брендот ’Алкалоид’. Важна стратешка гледна точка во нашата глобална мапа е Романија. На овој пазар, откако бевме присутни во последните години, во 2022 година регистриравме сопствена компанија во Букурешт“, вели Живко Мукаетов.

Портфолиото на „Алкалоид“ на романскиот пазар се состои од повеќе фармацевтски производи и од производи за хемодијализа. Но, сепак врвен фармацевтски производ на Алкалоид на романскиот пазар е антибиотикот Цефиксим (македонски Панцеф), регистриран со заштитниот знак Xifia во Романија, кој е меѓу петте најдобри брендови на антибиотици на романскиот пазар.

Секој производ, секој бренд и секоја одлука на ’Алкалоид’, главно, се резултат на залагањата на луѓето пред сѐ. Нашата цел е да изградиме компанија од задоволни луѓе кои го вложуваат својот потенцијал во нашиот заеднички успех, бидејќи имиџот, вредностите, кредибилитетот и организациската култура на компанијата се рефлектираат преку нејзините луѓе“, вели Мукаетов.

Тој потенцира дека мисијата на Алкалоид како компанија да се диференцира преку знаење и преку развој на производи со додадена вредност, користејќи високи етички стандарди во секојдневните активности, како и кредибилитет и професионален пристап во целокупното работење.

За менаџментот на Алкалоид, Романија е земја со голем потенцијал, а по влезот во ЕУ, фармацевтскиот пазар бележи постојан раст како по обем, така и по вредност. Токму заради тоа се планира зголемување на портфолиото на лекови и зајакнување на локалниот тим со цел подобрување на имиџот и зголемување на продажбите на компанијата.

Повеќе детали за стратегијата на Алкалоид за настап на романскиот пазар можете да прочитате ТУКА.