Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка врз основа на оценките за постојните економски и финансиски услови, како и на присутните ризици, смета дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика, при што на вчерашната седница одлучи основната каматна стапка да се намали за 0,25 процентни поени, односно од 2,25% на 2,00%.
“Одлуката за намалување на каматната стапка се темели на постојаните поволни движења на девизниот пазар, што доведе до поголем раст на девизните резерви од очекуваниот, што, пак, упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења укажуваат на умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци”, објаснуваат од Народната банка.
Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка се смета како сигнал кој го следат и деловните банки за намалување на каматните стапки на нивните кредити и олеснување на условите за задолжување на корпоративниот сектор и населението.
Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, од Народната банка оценуваат дека економскиот раст остварен во првите три квартали од 2019 година, од 3,6%, е во согласност со проекциите за овој период од годината, а расположливите високофреквентни показатели за октомври-ноември се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал од годината.Инфлацијата за 2019 година изнесува 0,8%, што е малку под проектираната стапка од 1%, додека за 2020 година се проектира стапка на инфлација од 1,5%.
“Неизвесноста околу движењата на цените на примарните производи на светските берзи и натаму е главниот фактор на ризик за проекцијата на домашната инфлација за следниот период”, велат од Народната банка.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка. Релативно поволните движења на девизниот пазар, заедно со активниот пристап на управување со девизната актива од страна на банките, беа најзначајните фактори поради кои и во текот на целата 2019 година, интервенциите на Народната банка на девизниот пазар придонесуваа за откуп на понудениот вишок на евра од банките.
Вкупниот откуп на вишок на девизи во 2019 година достигна 399,65 милиони евра, што претставува историски највисок износ на годишно ниво.
На седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се малку поповолни во однос на претходната оцена. Ризиците и понатаму постојат, поради што Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.