Гарантниот фонд ќе гарантира кредити до 500 илјади евра за микро, мали и средни претпријатија, како и големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку со 30 отсто во вкупните остварени приходи. Договор помеѓу Владата и Развојната банка за издавање на гаранции преку Гарантниот фонд веќе е потпишан, а наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници, пишува во новото издание на билтенот на Македонската банкарска асоцијација (МБА), министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Еден од инструментите во Планот за финансирање на заздравување и забрзан раст е Гарантниот фонд, преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема. Неодамна потпишавме договор со Развојна за Гарантниот фонд, од кој ќе се издаваат гаранции за новоодобрени кредити од банки и штедилници кои ќе им бидат од полза на микро, малите и средни претпријатија и на големите трговци кои вршат извоз, за непречено финансирање на тековните активности, како и на издржани бизнис проекти за купување на основни  средства. Наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници кои ќе пројават интерес за овој инструмент. Со обезбедувањето на гаранциите, сметаме дека ќе се охрабрат банките и штедилниците да ја зголемат понудата на поволни кредити за компаниите, а истовремено ќе се намали ризикот на нивниот пласман – наведува Бесими.

Преку Гарантниот фонд е предвидено да се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни фирми и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз. Со гаранциите ќе се гарантира за главницата на новоодобрени кредити за обртни и основни средства дадени од банки и штедилници кон приватниот сектор. За да станат дел од гарантната шема, банките и штедилниците, треба да имаат адекватност на капиталот од минимум 12%, позитивен финансиски резултат во последната година и кредитно портфолио кое најмалку 70% е класифицирано во А и Б категорија.

– За портфолио гаранциите, кои се наменети за микро, мали и средни трговски друштва, ќе се гарантираат кредити од 300.000 до 30.750.000 денари, со рок на отплата од една до 8 години со вклучен грејс период до 1 година за основни средства, и со рок на отплата од една до 3 години со вклучен грејс период до 1 година за обртни средства. Износот на гаранциите кај портфолио гаранциите е предвидено да биде до 80% од кредитите за обртни средства и до 50% од кредитите за основни средства. За индивидуалните гаранции кои се однесуваат на големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку 30% во вкупните остварени приходи, ќе се гарантираат кредити од 3.075.000 до 30.000.000 денари, при што износот на гаранцијата може да биде максимум до 50% од главницата на кредитот – вели Бесими.

Преку имплементирање на гарантната кредитна шема, како што посочува министерот, ќе се зголеми пласманот на кредити на банките и штедилниците, со што фирмите ќе имаат олеснет пристап до капитал, а со тоа ќе расте и инвестициската и економска активност.

Гарантниот фонд за прв пат беше најавен од поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска во мај минатата 2020 година во рамки на третиот пакет мерки за помош на фирмите погодеи од корона кризата. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ