Денешниот глобален интернет прекин го наруши работењето низ повеќе индустрии, при што во прекин се голем број авионски летови, банкарски , здравствени и телекомуникациски услуги кои се поврзани со Windows, објавува Ројтерс.

Големите американски авиокомпании – American Airlineс, Delta Airlines и United Airlines ги приземјија авионите, додека многу други превозници и аеродроми околу светот рано денеска објавија одложувања и прекини во работењето.

Банките и фирмите за финансиски услуги од Австралија до Индија и Германија исто така ги предупредија клиентите на прекини.
Во Британија, системите за резервации што ги користат лекарите беа офлајн, се вели во повеќе извештаи од медицинските службеници на Х, додека Скај Њуз, еден од главните емитувачи на вести во земјата беше исклучен, извинувајќи се што не може да пренесува програма во живо, а фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед соопшти на X дека мораше да го одложи планираното пуштање билети во продажба.
Поранешниот шеф на британскиот Национален центар за сајбер безбедност Сиаран Мартин изјави за радио Би-Би-Си дека ажурирањето на производот понуден од глобалната компанија за сајбер безбедност CrowdStrike, се чини дека влијае на оперативните системи базирани на оперативниот систем на Мајкрософт.

„Свесни сме за проблем што влијае на уредите со Windows поради ажурирање од софтверска платформа од трета страна. Очекуваме дека ќе дојде до решение“, рече портпаролот на Microsoft.
Според предупредувањето испратено од CrowdStrike до своите клиенти и прегледано од Ројтерс, софтверот „Falcon Sensor“ на компанијата предизвикува паѓање на Microsoft Windows и прикажување на син екран, неформално познат како „Син екран на смртта“.

Предупредувањето, кое беше испратено во 05:30 часот по Гринич во петокот, исто така сподели и рачен начин за отстранување на проблемот.
Над половина од компаниите на Fortune 500 користеле софтвер CrowdStrike, соопшти американската фирма во промотивното видео оваа година.

„Светот кој запре поради глобалното пропаѓање на ИТ ја покажува темната страна на технологијата“, рече инвестицискиот аналитичар на AJ Bell, Ден Коатсворт.

Додека стигаат извештаи за компании кои постепено ги обновуваат своите услуги, аналитичарите го одмеруваа потенцијалот на, како што го нарекуваат, најголемиот прекин досега во индустријата и пошироката економија.