Во најновиот извештај на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија се вели дека во однос на економските критериуми земјата е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, но дека е постигнат ограничен напредок за време на периодот на известување.
“Економскиот раст се забрза во 2019 година со зголемувањето на инвестициите, но, од април 2020 година, кризата со КОВИД-19 остави свој белег врз економијата и јавните финансии. Властите презедоа низа мерки за поддршка на компаниите и домаќинствата, за да го ублажат економското и социјалното влијание на кризата”, се вели во Извештајот.
ЕК нотира дека во периодот на известување, фискалната транспарентност во земјава била дополнително подобрена.
“Сепак, фискално значајните реформи во оданочувањето на доходот и системот на пензии, воведени на почетокот на 2019 година, забележаа назадување. Покрај тоа, спроведувањето на јавните капитални трошоци остана на значително ниско ниво, а стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Пред кризата со КОВИД-19, стапките на невработеност дополнително се намалија, исто така и кај младите работници, а неформалното вработување благо опадна. Сепак, влијанието на кризата со КОВИД-19 веројатно ќе ги сврти тие позитивни трендови. Стапките на учество остануваат ниски, иако учеството на жените во пазарот на трудот се зголеми”, се вели во Извештајот.
EK посочува дека финансискиот сектор останал солиден, а заемите за приватниот сектор биле зајакнати.
“Деловното опкружување продолжува да биде попречено од високиот удел на неформалната економија. Северна Македонија постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамките на ЕУ. Интеграцијата во ЕУ во смисла на трговија и инвестиции дополнително се продлабочи. Извозот и индустриското производство дополнително се проширија со производи од повисока вредност. Сепак, недостигот на вештини, како одраз на недостатоците во образовниот систем и одливот на квалификувани работници, како и јазот во инвестициите во инфраструктура ја нарушуваат продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата”, се вели во Извештајот и се посочува дека навременото решавање на овие структурни потреби би поддржало брзо посткризно економско закрепнување.
Во однос на способноста да ги преземе обврските за членство, од ЕК сметаат дека земјата продолжува да биде умерено подготвена во повеќето области, вклучително и во областите на конкурентност, јавни набавки, статистика, финансиска контрола, транспорт и енергија.
Од друга страна, земјата покажува добро ниво на подготовка во области како што се законодавство на компании, царинска унија, транс-европски мрежи, како и наука и истражување.
Од ЕК сметаат дека земјата е во рана фаза на подготовка во областите како што се слободно движење на работниците, како и финансиски и буџетски одредби.
“Во наредниот период, потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација”, се заклучува во Извештајот.
Клучните наоди од извештај за С.Македонија за 2020 година и подготвеноста на земјата во однос на политичките критериуми можете да ги прочитате на следниот линк.