Во текот на 2019 година Македонија извезла вино во вредност од 51,8 милиони долари, што е намалување за 13,9% во споредба со извозот на вино во претходната 2018 година, кога извозот изнесувал 60,2 милиони долари.
Македонските вина најмногу се извезуваат во земјите од регионот, но во последните неколку години има успешни обиди за извоз на вино и во други земји во Западна Европа и во Кина.

Во топ 5 најголемите извозни пазари за македонските вина лани, четири се земји од регионот.
Најголем извоз на вино традиционално веќе со години наназад имаме во Србија. Минатата година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од 13,3 милиони долари. Втор најголем извозен пазар за македонските вина е Германија, каде лани сме извезле вино во вредност од 12,2 милиони долари.
Следат Хрватска со извоз од 8,4 милиони долари минатата година, БиХ со извоз вреден 3,48 милиони долари и Словенија.
Кина лани била осми најголем пазар за македонските вина со извоз од над 1,8 милиони евра.
Лани само на осум пазари имало извоз поголем од 1 милион долари и на овие осум пазари е реализиран дури 88% од вкупниот извоз на вина.

Каде најмногу се продаваат македонските вина?

Според извозот на вино од 51,8 милиони долари во 2019 година Македонија е 29 најголем извозник на вино во светот. Виното е е еден од ретките извозни производи со кои Македонија како извозник котира повисоко на светските извозни ранг листи. Во регионот, пак, Македонија е еден од лидерите според вредноста на извезеното вино. Повеќе од нас извезува само Грција, која со извоз од 89 милиони долари е 26-ти најголем извозник на вино во светот.

Бугарија лани имала извоз од 39,6 милиони долари и е на 31 место на листата најголеми извозници на вино, Србија е на 41 место со извоз од околу 20 милиони долари, Хрватска и Словенија се на 45 и 46 место со извоз на вино од 18,2 милиони долари, односно 17,7 милиони долари.

Виното е втор најголем извозен агро производ во земјата после тутунот. Но, она што е познајачно е дека винската индустрија е една од ретките нето извозни индустрии во земјава, бидејќи и суровините кои ги користи за производство се речиси во целост домашни. 
Според податоците од Асоцијацијата Wines of Macedonia над 85% од вкупно произведеното вино се извезува на странски пазари, а 15 % се продава на домашниот пазар. Околу 50% од произведените македонски вина се извезуваат во шишиња, додека останатото се продава на странските пазари како наливно вино.

Според податоците од 2018 година во Македонија има 78 регистрирани винарии, од кои околу 90% се со капацитет помал од 5 милиони литри, а само четири се поголеми винарии со капацитет помеѓу 15 и 50 милиони литри. Најголема винарија и најголем извозник на вино од земјава е винаријата Тиквеш.

Кој е најголем извозник на вино во светот?

Според податоците на Worldtopexports најголем извозник на вино во светот е Франција, која минатата година извезла вино во вредност од 11 милијарди долари или дури 30,4 % од вкупниот извоз во светот во 2019 година.
Италија е втор најголем извозник која лани остварила 20,3% од вкупниот светски извоз на вино или 7,3 милијарди долари.
Шпанија со извоз на вино во вредност од 3,1 милијарда долари е трет најголем извозник на вино во светот, а по нејзе следуваат Австралија, Чиле, САД, Нов Зеланд, Германија, Португалија и Велика Британија.