Небесно високите цени на ѓубривата ги принудуваат земјоделците во целиот свет да ја намалат нивната употреба и да ги намалуваат површината на земјиште што ја засадуваат, како последица од војниот конфликт помеѓу Русија и Украина, заради што се предупредува за недостиг на храна.
Западните санкции кон Русија, главен извозник на поташа, амонијак, уреа и други хранливи материи за земјоделско земјиште, ги прекинаа испораките на тие клучни инпути ширум светот. Ѓубривото е клучно за одржување високи приноси од пченка, соја, ориз и пченица.

Ројтерс објави анкета направена врз основа на разговори со 34 луѓе на шест континенти, вклучувајќи производители на жито, земјоделски аналитичари, трговци и земјоделски групи, шти што сите изразиле загриженост за цената и достапноста на вештачкото ѓубриво.

Производството е најзагрозено во земјите во развој, чии земјоделци имаат помалку финансиски ресурси за да го надминат периодот на скапи и помалку достапни ѓубрива.

Глобалните цени на ѓубривата веќе беа високи пред руската инвазија на Украина, бидејќи рекордните цени на природниот гас и јагленот принудија некои производители на вештачки ѓубрива да го намалат производството за кое се потребни високи количини на енергија.

Но, по воведувањето на санкциите кон Русија и Белорусија, снабдувањето уште повеќе се влоши, со оглед на фактот дека овие две земји заедно сочинувале повеќе од 40% од глобалниот извоз на поташа минатата година, една од трите клучни хранливи материи што се користат за зголемување на приносите, објави холандскиот Рабобанк.
Дополнително, Русија учествуваше со околу 22% од глобалниот извоз на амонијак, 14% од светскиот извоз на уреа и околу 14% од моноамониум фосфат (MAP) – сите клучни видови ѓубрива кои се користат во земјоделието.

Санкциите ја нарушија продажбата на вештачко ѓубриво и земјоделски култури од Русија. Многу западни банки и трговци се оддалечуваат од руските производи и суровини поради стравот од несигурност во плаќањата, додека бродските фирми го избегнуваат регионот на Црното Море поради загриженост за безбедноста.

Двоен удар за глобалното снабдување со храна.

Русија и Украина се главни производители на жито и тие заедно сочинуваат околу 30% од глобалниот извоз на пченица и 20% од извозот на пченка. Испораките на жито преку Црното Море веќе се прекинати. Запрените испораки од овие две земји помогнаа да се поттикне галопирачката глобална инфлација на храната. Светската банка минатата недела соопшти дека голем број земји во развој се соочуваат со краткорочен недостиг на пченица поради нивната голема зависност од украинскиот извоз.

Но, според Организацијата за храна и земјоделство на ОН, кризата со вештачко ѓубриво во некои аспекти е позагрижувачка бидејќи може да го спречи производството на храна во остатокот од светот.

„Ако не го решиме проблемот со ѓубривото и трговијата со ѓубрива не продолжи, тогаш ќе имаме многу сериозен проблем со снабдувањето со храна следната година“, вели Максимо Тореро, главен економист на Организацијата за храна и земјоделство на ОН за Ројтерс.

Кина минатата година, а Русија годинава, наметнаа ограничувања на извозот на ѓубрива за да ги заштити сопствените земјоделци бидејќи глобалните цени се зголемија поради силната побарувачка и високите цени на енергијата.