Силното опоравување на кинеската економија од корона кризата е загрозенo од глобалниот недостиг на контејнери за испорака, подигајќи ги трошоците за поморски товарен транспорт на рекордни високи нивоа.

Извозот од Кина порасна за 21% во ноември во однос на истиот месец лани, откако кинеските фабрики беа пренатрупани со нарачки за електронски апарати, играчки, облека, опрема за лична заштита и други предмети за кои во моментов има голема побарувачка низ целиот свет.

Но, поради нерамномерниот трговски биланс на Кина – извоз на три контејнери за секој увезен контејнер, како и задоцнувањата на контејнерите што се враќаат во Кина поради пандемијата во остатокот од светот, сериозниот недостиг сега почнува да ги намалува извозните текови.
Околу 60% од глобалните добра се движат со контејнери, а според податоците за трговија на Обединетите нации има близу 180 милиони контејнери ширум светот.

„Имаме толку многу порачки, но едноставно не можеме да ги испорачаме работите“, вели Чарлс Ксу, продавач на огледала во извозниот центар на Јиву, кој ги снабдува трговците со мало во САД, како што се „Валмарт“ и „Хоум депо“.

„Кутиите се натрупуваат во нашата фабрика и не ни останува многу простор. Едноставно е тешко да се резервираат контејнери, и сите наддаваат за нив со високи цени “, вели тој.

Просечното вкупно време за испорака со контејнери се зголеми на 100 дена од 60 дена претходно заради намалувањето на капацитетите за ракување поврзани со Ковид 19 во Европа и САД, велат од Здружението на индустријата за контејнери во Кина (CCIA), што дополнително го влошува недостигот.

Трошоците за изнајмување на контејнер од 40 метри од Кина до источниот брег на САД се зголемени на рекордни 4.928 долари, што е за 85% повеќе од 1 јуни годинава.

Цените за контејнерски транспорт до Европа скокнаа за 142% во однос на истиот период, и за 103% до Средоземното море преку Суецкиот канал.

Производителите на контејнери ги проширија смените и го зголемија капацитетот да се обидат да останат во чекор со побарувачката, но сепак не успеваат.
Месечното производство во Кина – кое сочинува 96% од глобалното производство – достигна петгодишен максимум од 300.000 единици во септември.

Заради недостигот на контејнери веќе се чувствува недостаток на челик, дрвен под и некои други суровини и репроматеријали .

Чувствувајќи ја можноста за правење профит, некои приватни кинески фирми складираат контејнери, кои им се ставаат на располагање на највисокиот понудувач.

 

Извор: Hellenicshippingnews