Автомобилската индустрија во Европа и светот, која беше една од најпогодените индустриии од пандемијата, продолжува да се соочува со големи проблеми и предизвици кои го отежнуваат заздравувањето, заради што милиони автомобили годинава нема да бидат произведени.
Прекини и пореметувања во синџирите за снабдување, кризата со чипови, недостатокот на контејнери за поморски транспорт, поплавите низ Европа и повторниот раст на заразени од делта сојот на корона вирусот се само дел од проблемите кои го попречуваат производството и ги влошуваат прогнозите за состојбата во оваа индустрија.
Многу автомобилски компании во Европа и светот го намалуваат обемот на производство, прогласуваат прекини во работата, укинуваат смени, ги праќаат вработените на колективен одмор…
Ова се секако лоши вести и за заздравување македонската економија која е силно поврзана и зависна од европската, поточно од германската автомобилската индустрија. Кластерот на компании кои работат во Македонија како добавувачи за европската автомобилска индустрија создаваат над половина од вкупниот извоз на земјава и вработуваат околу 30 илјади лица, што ја прави една од најзначајните индустрии.
Дури 48% од вкупниот извоз на земјава е насочен кон Германија, главно кон автомобилската индустрија. Само пред десетина дена Здружението на германската автомобилска индустрија драстично ја намали проценката за производство на автомобили за годинава. Првичната прогноза дека годинава производството на автомобили ќе се зголеми за 13% во споредба со лани беше намалена, со што производството годинава ќе биде поголемо само за 3% во споредба со лани.
Ова намалување на производството на германската авто индустрија има големо влијание и ќе го намали обемот на работење и на македонските добавувачи во земјава.
Иако неодамна објавените податоци од Дирекцијата за Технолошко индустриски и развојни зони покажуваат раст на извозот и увозот во првиот и вториот квартал годинава, ситуацијата воопшто не е така розова.
Многу од компаниите од автомобилскиот сектор се соочуваат со намален обем на работа во првата половина годинава, очекувањата за третиот квартал се влошуваат, а дел од компаниите очекуваат и до 40% помала реализација од плановите кои ги имале за годинава.
Дел од компаниите веќе укинуваат смени и ги праќаат работниците на годишен одмор, а дел периодот на намалената работа го користат за обуки и доедукација на вработените.
“Компаниите од автомобилскиот сектор во Македонија кои работат како директни или секундарни добавувачи на производителите на автомобили во Европа, будно ги следат овие трендови. Зависно од клиентите и моделите за кои произведуваме, како и соодветниот вид на производ (пред се електроника или производство за премиум, plug-in hybrid или електрични возила), влијанието на овие процеси драстично се чувствува. Ако знаеме дека веќе неповратно се загубени над 6 милиони возила кои нема да се произведат во 2021 година, со тенденција оваа бројка дополнително да се зголеми, резултатите за првите шест месеци од годината се помеѓу 5% и 20% помали од планот и буџетот за годинава. За месец јули и воопшто за третиот квартал овој пад е уште подрастичен и се движи помеѓу 15% и 40%”, вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство и генерален менаџер на „Костал Македонија“.
Бројките се менуваат многу често, вели Мизо, и е многу неблагодарно да се предвидува што ќе се случи од септември до крајот на годината. “Има индикации за благо подобрување на ситуацијата, но во секој случај, проблемот со чипови ќе продолжи многу подолго од планираното и се уште ќе биде присутен и во првата половина на 2022 година”, додава тој.
Кризата со чипови ги намалува производството и продажбите
И од најголемите автомобилски компании во Европа и светот изминативе денови потврдија дека очекуваат кризата со недостиг на чипови да продолжи и да се влоши во втората половина годинава, со можност нејзините негативни ефекти да продолжат да се чувствуваат и во 2022 година.
Најголемите пазари во Европа, но и во Кина, бележат пад на продажбите на автомобили, а компаниите се почесто одлучуваат да се фокусираат на производство на моделите со повисока маржа, а да го намалат и забават производството на останатите модели заради недостигот на чипови и пореметувањата во синџирите на снабдување.
Неодамна од најголемиот европски производител на автомобили, германската групација Volkswagen, објавија дека оваа година веќе неповратно изгубиле производство од стотици илјади возила, а ситуацијата заради недостигот на чипови ќе биде уште поизразена во втората половина од годинава. Истовремено, драстично го намалија и растот на произведени возила во своето портфолио споредено со 9,3 милиони возила произведени во 2020 година. Брендовите Porsche, Audi и VW посочија на зголемени ризици во третиот и четвртиот квартал поврзани со недостатокот на чипови. Daimler ја затвори фабриката во Унгарија до средината на август, а три фабрики во Германија ќе работат со намален капацитет и скратување на повеќе смени.
Според Мизо, не е само недостатокот на чипови, туку дополнителни големи проблеми во работењето на индустријата создаваат и драстично зголемените ковид инфекции во Југоисточна Азија (пред се Малезија, Филипини,Индонезија и Тајланд) каде се произведуваат дел од електронските компоненти, недостатокот на празни контејнери и драстично зголемената цена на транспорт помеѓу Кина и Европа, како и Кина и САД, влијанието на поплавите во Германија од средината на јули на синџирот на снабдување, оштетените пруги и неколку поплавени фабрики, исто така се дел од проблемите кои влијаат на работата на европската автомобилската индустрија.
Ќе има ли отпуштања на работници во македонските фабрики?
Заради сите овие проблеми голем број на европски и американски производители на возила во изминатиов период дополнително го намалија обемот на производство или ги пролонгираа најавените затворања и редуцираното работно време.
Во дел од компаниите кои произведуваат делови за европската автомобилска индустрија се случува истото, се укинуваат смени, интерно се ротираат работниците, се користат дел од годишните одмори…
“Адаптација кон новонастанатите услови е неминовна, но секоја компанија на еден или друг начин, соодветно на тоа во колкав обем е погодена од овој проблем, наоѓа начини да се справи со новонастанатата ситуација. Тоа може да значи целосно замрзнување на процесот на вработување на нови кадри или пак користење на принуден одмор и кратење на дел од трошоците. Сметам дека намалувањето на бројот на вработени се уште е есктремна мерка во овој момент, но сепак да видиме како ќе се одвива ситуацијата на пазарите во Европа до крајот на годината”, вели Мизо.
Дел од компаниите кои се соочуваат со намален обем на работа, пак, дополнителното време го користат за обука и доедукација на вработените со цел креирање на поквалификуван и попродуктивен кадар, стабилизација и оптимизација на некои процеси
Поскапите суровини ги “билдаат” извозот и увозот
Иако податоците за првата половина годинава покажуваат раст на извозот и увозот, тоа директно не го отсликува заздравувањето на автомобилските компании во земјава.
Во изминатиот период се случува голем раст на цените на сите суровини и репроматеријали, што делумно има влијание и ја зголемува вредноста на извозот и увозот.
На пример, алуминиум, бакар, платина, паладиум, родиум, пластични гранулати, електроника и сл, се влезни полупроизводи и компоненти кои се користат кај голем дел од автомобилските добавувачи во Македонија. Податоците покажуваат дека нивните цени годинава се зголемени помеѓу 25% и 80% споредено со лани.
На пример, индустриското производство во првиот квартал од 2021 година во Македонија забележа пад од 6,1%, додека вредноста на извозот во истиот период беше зголемена за 18%. За првите пет месеци, пак, индустриското производство беше зголемено за 6%, додека извозот беше зголемен за 44,3%.
Според Мизо, ова е комплексно прашање каде треба да се земе во предвид и големиот раст на цените на репроматеријали споредено со истиот период лани.
“Логиката тука кажува дека вредносно извозот се зголемил, но волуменот или количеството на производството во реалноста паднал или се зголемува многу помалку. Треба да се направи детална анализа, како и во кој обем зголемувањето на извозот (но исто така и на увозот, како и целокупниот трговски дефицит во првите шест месеци на годината е резултат на зголемен обем на производство, а колкаво е ценовното влијание на репроматеријалите”, вели Мизо и потенцира дека компаниите, за разлика од државната статистика, не ги споредуваат финансиски резултати со минатата година, туку со плановите и буџетите за тековната година.