Рекордно високите цени на природниот гас и електричната енергија ги поттикнуваат некои енергетски интензивни компании да го намалат производството, што дополнително се очекува да создаде притисок и да ги наруши глобалните синџири на снабдување во некои сектори, како што се храната, хемиската индустрија, челичнаата индустрија.
Некои компании, вклучително и производители на челик, производители на ѓубрива и производители на стакло, мораа да го прекинат или намалат производството во Европа и Азија, како резултат на зголемените цени на енергијата. Меѓу нив се два од најголемите производители на ѓубриво во светот, кои потврдија дека ќе го намалат производството во Европа, пишува Reuters.
Цените на природниот гас нагло пораснаа низ целиот свет во последните месеци. Тоа се должи на комбинација на фактори: вклучително и зголемена побарувачка особено од Азија поради пост-пандемиско закрепнување; ниските залихи на гас и помалите испораки на гас од вообичаеното од Русија.
Притисоците се особено големи во Европа, каде цените на гасот се зголемија за повеќе од 250% оваа година, додека Азија бележи пораст од околу 175% од крајот на јануари. Во САД, цените се искачија на неколкугодишен максимум и се двојно повисоки отколку што беа на почетокот на годината.
Цената на електричната енергија исто така нагло порасна бидејќи многу електрани користат гас.
Ценовен шок: Поскапуваат електричната енергија и гасот во Европа
Норвешкиот Yara International, еден од најголемите производители на ѓубриво во светот, во петокот објави дека ќе намали околу 40% од своето европско производство на амонијак поради високите цени на гасот. Природниот гас е најважниот трошок за хемикалии и ѓубрива базирани на азот.
Некои индустрии ги повикуваат владите да интервенираат. Овие повици доаѓаат во време кога некои земји дејствуваа за да ги заштитат потрошувачите од зголемените сметки за енергија, како Шпанија, која минатата недела одобри пакет мерки, вклучувајќи ограничувања на цените.
Меѓу оние што бараат помош е прехранбената индустрија која се соочува со недостаток на јаглерод диоксид (СО2) предизвикан од прекинот на производството во некои погони за ѓубриво. Јаглерод диоксидот се користи во вакуумско пакување на прехранбени производи за да се продолжи рокот на траење, во индустријата за безалкохолни газирани пијалоци и пиво, во месната индустрија.
Други енергетски интензивни сектори, како што се челикот и цементот, исто така, чувствуваат голем ценовен притисок.
Зголемените цени на гасот во изминатите неколку недели ги принудија некои производители на челик да ги прекинат операциите во текот на оние периоди од ноќта и денот кога цената на енергијата е најскапа.
Во меѓувреме во Европа, побарувачката за јаглен како алтернативен извор на енергија значително се зголеми. Но, опциите за префрлување на алтернативни извори на енергија се ограничени во регионот во голема мера поради владините политики насочени кон поттикнување на употребата на гас наспроти горива кои повеќе загадуваат, како што е јагленот.
Заврши ерата на евтин природен гас, цените се на рекордно високо ниво и ќe продолжат да растат