Владата на Косово вчера донела одлука со којa се забранува увозот на производи од Србија, доколку на декларацијата на производите и придружните документи не стои ознаката „Република Косово“ согласно со уставот на земјата.

Исто така, косовската влада и наложила на Агенцијата за храна и ветеринарство да го користи името и амблемот на Република Косово на фитосанитарни и ветеринарни сертификати.

Според вечерашната одлука, компаниите од Србија мораат да обезбедат и дозвола за влез за секое возило со стока што влегува во Косово, а барањето за дозвола се доставува до косовската Канцеларија за врски во Србија, преку писмен допис или електронска пошта.
Трговските „компании, пак, кои се основани според правилата што важат во Србија, не можат да бидат признати како правни лица на Косово“.

Според одлуката, објавена на Фејсбук страницата на косовското Министерство за економија, „во трговските односи со Србија е забрането користење на документи за земјоделски и индустриски производи, кои користат имиња на земји или содржат други елементи што се во спротивност со Уставот на Косово и косовското законодавство“.

Во документот се наведува дека забраната е употреба на документи „кои содржат елементи што ја негираат независноста или суверенитетот на Косово или го третираат Косово нерамноправно“.

За министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, најновата одлука на приштинските власти со која производите од Србија не можат да влезат во Косово доколку „Република Косово“ не е наведено на нив, е апсолутно неприфатлива и дефинитивно значи запирање на дијалогот.

Според Дачиќ, мерки за реципроцитет кои ги воведе Косово по укинувањето на царините од 100%, а кои еден дел од меѓународната јавност ги поздрави, се уште полоша мерка од царините.
„Рековме дека нема да го продолжиме дијалогот додека не се укинат царинитеи реципрочните мерки. За нас таа мерка е неприфатлива и дефинитивно значи запирање на дијалогот и тоа претставува негација на европските вредности, сите договори во Брисел и оние гарантирани од Европската унија“, изјави Дачиќ за РТС.