Mинистрите во Владата ја разгледаа и усвоија информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.
Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија АД да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. Според информацијата на Развојната банка на Северна Македонија, од обработените барања условите ги исполниле 136 компании со 1.737 вработени, и на нив им се одобруваат бескаматни кредити во вкупен износ од 1.263.079 евра.
Од овие 136 компании-апликанти, 96% се компании до 10 вработени и компании до 50 вработени, што покажува дека средствата од бескаматната линија Ковид1 примарно ќе стигнат до микро и малите компании.
Доставата на Информации со обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови до Владата ќе се одвива редовно, на неделно ниво, сè додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид1, односно од Кредитната линија од Посебниоткредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.
Најдоцна до крајот на неделата Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната Седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.