Руската инвазија ги затвори фабриките за автомобили, ги погоди резервите на челик и ги прекина транспортните патишта. Цените на суровините растат за сончогледовото масло, природниот гас и пченицата.

Руската инвазија на Украина натрупува нови неволји на веќе нарушените светски синџири на снабдување. Борбите ги затворија фабриките за автомобили во Германија кои се потпираат на компоненти произведени во Украина и ги погодија залихите за челичната индустрија до Јапонија. Ги прекина воздушните патишта и копнените правци кои станаа клучни откако пандемијата почна да ја уништува морската трговија.

Конфликтот, исто така, го намалува огромниот извоз на стоки на Украина и Русија, со што цената на нафтата, природниот гас, пченицата и сончогледовото масло расте. Испораката од украинските пристаништа, важен коридор за испораки на жито, метал и руска нафта до остатокот од светот, е речиси прекинат.

Товарните и авиокомпаниите предупредија дека одлуката на многу европски нации да го затворат својот воздушен простор за Русија, ќе ги зголеми трошоците за авионски товарен транспорт од Европа до Азија, што потенцијално ќе ги направи некои рути комерцијално неодржливи.

Најновите санксии од Западот кон Русија, посебно исклучувањето на одделни руски банки од глобалниот финансиски платен систем Свифт – за многу компании ќе предизвика проблеми во тргувањето со Русија, дури и во секторите кои не се санкционирани.
Исто така, постои ризик од санкции врз поединечни руски играчи на стоки или Русија да возврати со намалување на снабдувањето со своите производи.

Економистите и деловните лидери стравуваат дека ова ќе ги погоди синџирите на снабдување кои се потпираат на компоненти и помалку познати производи од Русија, како што се неонскиот гас и паладиумот, важни состојки за производство на полупроводници.
Многу индустрии, како што е производството на автомобили, веќе се нарушени поради порастот на побарувачката по олеснувањето на пандемиските карантинни и постојаните тесни грла во производството.

Заканата од пораст на цените во време кога светот се соочува со рекордно висока инфлација, го загрозува опоравувањето на светската економија која беше погодена од пандемијата.

Цената на нафтата достигна 100 долари за барел за прв пат по осум години. Цената на алуминиумот е зголемена за над 20% оваа година до денес, а цената паладиумот, во чиј извоз доминира Русија, е зголемен за 26,7% во истиот период. Фјучерсите за пченица со кои се тргува во Чикаго скокнаа за 12% минатата недела на највисоко ниво од 2012 година.

Некои директори предупредуваат дека е премногу рано да се знае колку трајни ќе бидат ударите врз синџирите на снабдување. Тие велат дека сè уште се нејасни ефектите од војната и санкциите, дека многу компании можат да се потпрат на залихите на делови и суровини и дека украинската пченица главно се извезува по жетвата, почнувајќи од август.

Многу индустрии ќе бидат погодени

Автомобилската индустрија, која долго време се потпираше на проширени прекугранични синџири на снабдување, беше меѓу првите кои го почувствуваа ударот од новите економски дислокации. Леони АГ, која произведува жичени системи во Украина што ги доставува до европските производители на автомобили, минатата недела ги затвори своите две фабрики во Украина и испрати околу 7.000 вработени дома.
Следниот ден, Volkswagen AG рече дека повеќе не може да ги произведува ожичните системи во Украина и дека ќе мора да го запре производството во погоните во Цвикау во источна Германија, најважната фабрика за производство на електричните возила на VW и Дрезден, на неколку дена оваа недела. VW соопшти дека ќе мора да отпушти повеќе од 8.000 работници додека не може да продолжи со производството.

За неколку часа по инвазијата, автомобилските компании зависни од делови од Кина и Источна Европа формираа работни групи за да изготват алтернативни рути.
Според податоците на УкраинаИнвест, во Украина се лоцирани 22 странски компании кои управуваат со 38 фабрики кои произведуваат делови за автомобилската индустрија, жичани ремени, електроника, седишта и други производи.

Нарушувањето на испораките на стоки и суровини од Русија и Украина може да го влоши глобалниот недостиг на полупроводници што веќе ги разбранува бизнисите ширум светот. Американските производители на полупроводници увезуваат неонски гас, хемиско соединение хексафлуороциклобутен и паладиум, кои се користат за производство на чипови, речиси целосно од Русија и Украина, според Techcet, истражувачка група која ја анализира зависноста од критичните материјали што се користат во производството.

Руската компанија MMC Norilsk Nickel ископува 40% од светскиот паладиум, кој исто така се користи во катализаторите за намалување на емисиите на возилата, како и околу 11% од глобалното производство на никел, што се користи за производство на нерѓосувачки челик и батерии за електрични возила, според JP Morgan. Русија ископува околу 4% од светскиот кобалт, друга состојка на батериите; четвртина од ванадиумot, кој се користи во производството на челик; и 3,5% од бакарот, според Геолошкиот институт на САД.

Нарушувањето на превозот од ден на ден се влошува. Најмалку 22 танкери се блокирани во теснецот Керч, клучен воден пат под контрола на Русија, според бродските тракери, бидејќи пристаништата се затворени. Грција, која оперира до една четвртина од глобалната флота на танкери, ги повикува бродарите да ги повлечат своите бродови од руските и украинските води во Црното Море, што е тесно грло за неколку клучни стоки.

Русија и Украина заедно сочинуваат речиси една третина од светскиот извоз на пченица, 19% од извозот на пченка и 80% од светското сончогледово масло, според Commerzbank AG, а голем дел од тоа тече низ пристаништата на Црното Море кои моментално се затворени. Зголемените цени на житото ја зголемуваат загриженоста за земјите главно во развој, како Египет и Индонезија, кои се потпираат на пратките и каде цените на храната веќе растат.

Извор: Wall Street Journal