На денешната седница Владата донесе одлука за отварање на границите, односно државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе можат непречено да влегуваат во Македонија без притоа да мораат да приложат ПЦР тест.
Во овие земји и македонските државјани исто така ќе може да влезат без да приложат негативен ковид тест, а оваа одлука стапува на сила од понеделник, 12 октомври.
„Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое, до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од ковид-19“, се вели во владиното соопштение.
Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.