Од 1 октомври недела да биде неработен ден, се предвидува во измените на Законот за работни односи, кои Владата ги усвои на денешната седница. Предвидени се исклучоци за оние дејности кои не можат да го прекинат работниот процес. Исклучоци ќе бидат специјализирани продавници за колачи, апетисани, весници, цигари и слично во туристичките места, како и штандови при проекции во кино-сали, на спортски настани и спортски манифестации. Можно е во недела да работат и продавници за храна, пијалоци и цигари, доколку трговецот-поединец работи сам во својата продавница, а ова важи и за оние што работат на пазарите.

Премиерот Зоран Заев најави дека предлог-измените ќе бидат доставени до собраниска процедура, а целта, според него е, е да се постигне рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот дел од животот на работниците.
Измените, како што појасни премиерот Зоран Заев на попладневната прес-конференција, се донесени во инклузивен процес со работодавачите и со синдикатите.
“Ова е ветување што Владата ги имаше како приоритет во програмата. Со ова се прави исчекор кон унапредување на работничките права и продолжување на поддршката за работниците, истакна Заев, додавајќи дека посебна грижа е водена за оние работници кои ќе работат во недела.

Работниците кои ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните 7 дена, соопшти министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа посочи дека се предвидени и посебни санкции за непочитување на законските решенија.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Владата, паралелно, донесе и измени на Законот за трговија, кои се услогласуваат со измените во Законот за работни односи за недела – неработен ден. Тој рече дека исклучок од неработењето в недела се продавници и штандови за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани… во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот.

Работниците кои ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните 7 дена. Додатокот за работа во недела и за празници треба да изнесува најмалку 100 отсто од дневницата за секој час поминат на работа.