Педесетина компании со странски капитал кои работат во Македонија, а се дел од големи мултинационални компании, ќе бидат опфатени од глобалниот минимален данок на добивка од 15%, што ќе се применува од 1 јануари 2024 година, а кој ќе треба да го плаќаат во земјите од каде што потекнуваат.

Целта на иницијативата на ОЕЦД, која беше поддржана од 140 земји, а ќе ги засегне 8.000 светски мултинационални компании со годишен приход од над 750 милиони евра, е да стави крај на трката меѓу државите со даночни ослободувања или олеснувања да се привлечат што е можно повеќе инвеститори.

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија денеска се презентираше истражувањето „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Северна Македонија“, подготвено во соработка со ПрајсвотерсхаусКуперс (PwC Северна Македонија) во кое се анализирани ефектите од глобалниот минимален данок врз работењето на странските компании во државава.

Македонија како држава го придати минималниот глобален данок уште пред две години, но се уште не е прилагодена кон овој данок, а првите плаќања за годинава по тој основ странските компании би ги имале во 2026 година.

Првите симулации на „Прајс вотерхаус куперс“, покажале дека македонскиот буџет по таа основа ќе претрпи одлив од најмалку 30 милиони евра на годишно ниво, обелодени Мирослав Марчев, кантри менаџинг партнер на ПВЦ во Македонија.

Претседателот на Советот на странски инветитори Виктор Мизо очекува да се утврдат идеи и предлози што ќе се изнесат пред креаторите на политиките по изборите за прилагодувањето кон оваа новина.

Како Совет на странски инвеститори заедно со Прајсвотерхаус куперс организираме разговор како глобалниот минимален данок од 15% кој беше донесен на иницијатива на ОЕЦД, а државава го прифати пред две години ќе има влијание врз големите мултинационални компании кои работат во државава и имаат консолидирана добивка од над 750 милиони евра и како тоа ќе влијае на нашите работења, но истовремено и врз оданочувањето, како на локално, така и на ниво на државите од каде што потекнуваат компаниите”, изјави Мизо.

Ако овој нов мининален глобален данок се пренесе о домашното законодавство, објаснува Мизо, тоа во пракса би значело да не постојат веќе даночни ослободувања за компаниите. “Кај нас ако остане корпоративниот данок од 10 отсто, тоа ќе значи дека инвеститорите во земјите од кои доаѓаат, ќе треба да ја доплатат разликата до 15 отсто колку што изнесува глобалниот минимален данок и тоа ќе биде уплата во матичните држави – објасни Мизо, без да сугерира дали државата треба да ја напушти идејата за даночни и други бенефиции до влезот во ЕУ.
Советот уште минатата година ја покренал оваа дискусија со економскиот тим на Владата и како што рече Мизо, иако тогаш им било кажано дека ќе има барем некаков транзициски период во кој како држава нема да го воведуваме, сепак од 1 јануари годинава данокот е воведен на глобално ниво.

За голем број компании без разлика дали работат или не во технолошко индустриските развојни зони, дали добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае. Зборуваме за бројка од над 50 компании кои доаѓаат од многу различни земји, од Северна Америка и пред се од Европа“, изјави Мизо.
Опфатот е за оние компании што имаат годишен приход од 750 милиони евра, без разлика дали се домашни или странски.Во земјава нема толку богати фирми, што значи дека данокот ќе го плаќаат фирмите што имаат седишта во странство, а работат кај нас. 

Од Советот велат дека со претставниците на PwC Северна Македонија ќе ги разгледаат сите можности и апликации и деталите врз основа на кои компаниите ќе треба да размислат како ќе работат во иднина.

Истовремено можеме да дадеме размислувања и предлози на кој начин потенцијално идните политики визави компании и државната помош и начинот на различни даночни ослободувања ќе треба потенцијално да се адаптираат за да имаме оптимално искористување овде“, посочи Мизо.

Иако државава се уште не е адаптирана на данокот и останува рамниот данок од 10 проценти, Мизо рече дека ако ништо не се смени ќе треба да има доплаќање на дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат овие компании зависно од тоа дали тие добиваат или не државна помош. Разликата, појасни, може да биде целосно плаќање на 15 проценти или разликата помеѓу ефективниот данок кој се плаќа кај нас и до 15 проценти. Исплатата ќе биде во државите во странство каде што се лоцирани компаниите.

Прашан дали може дел од странските компании коишто работат кај нас во зоните да ја напуштат државава поради оваа дополнителна давачка, Мизо рече дека преку разговорите ќе се видат сите позитивни и негативни ефекти, но оти сите политики поврзани со бенифиците би требало да се адаптираат.

Истовремено ние како индивидуални компании да размислиме како треба да се поставиме, но и да дадеме некои препораки или идеи кон државата на кој начин потенцијално тие даночни политики, но истовремено сите политики поврзани со бенефиции би требало да се адаптираат за да има една неутралност и кон компаниите, но истовремено и за државата, бидејќи даночен одлив од државата исто така не е нешто што е позитивно за никого“, потенцира Мизо.

Тој смета дека после изборите наесен треба да се разговара со креаторите на политиките за да се види како ќе се адаптираме како држава.

Ги дефинираме сега сите овие работи и потоа врз основа на овој разговор, врз основа на идеите тоа би ги презентирале до сите креатори на политиките што и како треба да се направи, бидејќи јас сметам дека можеби треба да се размислува ова да се направи после изборите некаде оваа есен за да видиме како ќе се адаптираме како држава“, објаснува тој.

Мирослав Мирчев од PwC Северна Македонија најави дека пред компаниите ќе ги претстават комплексните правила за да можат да се подготват за нивна примена.

Во рамки на дискусијата очекувам да се размислува и да се формулира што може да се прави поврзано со фискалните аспекти, со економската политика – секоја компанија сама може да размисли за импликациите и потоа да реши како да постапува – здружено, сама, дали сака да зборува со некој или чисто да биде подготвена за усогласување на плаќањето, посочува Мирчев.

Фото: МИА