Нафтената индустрија е една од најпогодените индустрии од пандемијата со Ковид 19, откако карантините ги ограничија патувањата, а намалената потрошувачка резултираше со огромен пад на цената на нафтата на светските пазари.

Нафтената компанија Окта, една од најголемите извозниции во земјава, објави дека изминатата 2020 година ја завршила со голем пад на продажбите и милионска загуба.

Објавените извештаи  на Окта на Македонската берза покажуваат дека компанијата минатата 2020 година работела со вкупни приходи од продажба од 247 милиони евра, што е пад од 45% во споредба со 2019 година.

Најголемиот дел или 80% од приходите од продажба на Окта минатата година се направени на домашниот пазар, кои се намалени за 45%, на 196 милиони евра.

Извозот или продажбите на странски пазари на Окта лани изнесувале 50,6 милиони евра и се за 45% помали во споредба со истиот период 2019 година.

Како резултат на намалените продажби и пониските цени на нафтените деривати, Окта во 2020 година работела со загуба од дури 8,5 милиони евра, што е драстично влошување на финансиското работење во споредба со 2019 година кога компанијата имала профит од околу 4,4 милиони евра.

Во соопштението од Окта се објаснува дека дел од лошиот резултат минатата година се должи и на еднократната резервација во износ од 12,7 милиони евра заради решенијата од Царинската управа по основ на неправилно пресметување на акцизите за увоз на еуродизел во периодот од 2014 до 2018 година.

“Добивката пред оданочување, ослободена од гореспоменатата еднократна резервација, изнесува 179 милиони денари (2,9 милиони евра), значително надминувајќи ги 115 милиони денари (1,87 милиони евра) генерирани истиот период минатата година”, објаснуваат од Окта.

Компанијата Окта е во доминантна сопственост на грчката компанија Elpet Balkaniki, која поседува 81,51% од акциите во компанијата. Грчката нафтена компанија Hellenic Petroleum, пак, e 100% сопственик на Elpet Balkaniki.

Покрај Elpet Balkaniki, сопственик на 10,87% од капиталот во Окта е и македонскиот нафтен дистрибутер Пуцко Петрол, а 7,62% од акциите поседуваат вработените во компанијата.

Минатата година Окта остварила вкупни приходи од продажба од 450 милиони евра, од кои 91,8 милиони евра биле од извоз и продажби на странски пазари, според што е рангирана како шести по големина извозник од Македонија за 2019 година.