Во текот на изминатите неколку години, глобалниот пазар на органска храна доживува огромен раст, а овој тренд посебно се засили во поледните неколку месеци со почетокот на пандемијата, бидејќи луѓето стануваат се повеќе свесни за здравствените придобивки на органската храна .
Во периодот од 2015 до 2019 година, глобалниот пазар на органска храна растеше со просечна годишна стапка од 8,6%, достигнувајќи вредност од 107,6 милијарди евра во 2019 година.
Европа и САД се најголеми потрошувачки пазари за органска храна во светот.
Кинескиот пазар исто така постигнува брзи стапки на раст, поттикнато од растечката популација, зголемувањето на нивото на приходи и зголемувањето на свеста за придобивките од органската храна. Сите овие фактори придонесуваат за висок раст на азиско -пацифичкиот регион.
Најголем и најпрофитабилен сегмент на глобалниот пазар на органска храна е сегментот на овошје и зеленчук, кој генерираше 34,9 милијарди евра во 2019 година, што претставува 32,4% од вкупната пазарна вредност на овој пазар. Втор најголем сегмент со учество од 19,4% е сегментот на подготвена органска храна, а по него следат пазарот на органски млечни производи (18%), органските пијалоци (10,8%), леб и житарки (10,5%) и месо, риба и живина со пазарно учество од 8,9%.
Аналитичарите предвидуваат дека глобалниот пазар на органска храна ќе расте со просечна годишна стапка од 9,5% во периодот од 2020 до 2024 година и ќе достигне вредност од 156,4 милијарди евра во 2024 година.
Азиско-пацифичкиот пазар се очекува да расте со просечна годишна стапка од 9,7 % во следните пет години и да достигне вредност од 20,8 милијарди евра во 2024 година, додека американскиот пазар се очекува да расте со просечна годишна стапка од 8,1% во текот на периодот на прогноза и да достигне вредност од 60,2 милијарди евра во 2024 година.
Пандемијата со Ковид 19 нема да го запре импресивниот раст на пазарот на органска храна.
Малопродажбата на храната го замени затворањето на угостителскиот сектор и генерално растеше за време на карантински ограничувања, а зголемената свест за здравствените придобивки од органската храна се очекува да го поддржат растот и во следниот период.
Анализата вклучува храна која е сертифицирана како органска и чии состојки се произведуваат без употреба на хемикалии. Пазарните вредности се пресметуваат по малопродажни цени (MPC).
Извор: Factiva, Октомври 2020