Работењето на македонските компании беше под силно влијание на пандемијата минатата година. Компаниите, а особено малите и средните претпријатија, се соочија со голем пад на приходите и силен ликвидносен шок. Тоа го покажува  и извештајот за финансиска стабилноста на Народната банка, кој покажува дека минатата година биле намалени приходите и профитабилноста во корпоративниот сектор, но значително бил зголемен и бројот на фирми кои работеле со загуба.
Особено биле погодени беа услужната дејност, градежништвото и индустријата, како дејности што се најмногу изложени на мерките за социјално дистанцирање и нарушените синџири на производство во глобални рамки.
Според податоците од Централниот регистар, приходите на корпоративниот сектор лани имале пад од 4,5%, додека приходите од продажба биле помали за 5,1%, што следува по неколку годишен раст на приходите. Профитабилноста, пак, на македонскиот корпоративен сектор е намалена многу повеќе, за 18,9%.
Но, во исто време значително е зголемен бројот на компании кои работеле со загуба. Според податоците од Извештајот за финансиска стабилност, дури 45,6% од вкупниот број на деловни субјекти во земјава во 2020 година или вкупно 25.115 фирми работеле со загуба. Тоа е значително влошување во споредба со 2019 година, кога 30% од компаниите или 15.246 фирми работеле со загуба.
Во корпоративниот сектор лани работеле 55.014 фирми, од кои дури 64% или 35.451 биле микро субјекти, со најмногу до 10 вработени. Извештајот на Народната банка покажува дека загубата е сконцентрирана токму кај овие микро фирми, какви што се 64% од македонските фирми. Овие микро фирми и пред короната, однсно во 2019 година работеле со загуба, а во 2020 година под влијание на короната загубата е зголемена. Така негативната профитната маржа (загуба/приходи) кај овие фирми од -7,3% во 2019 година е зголемена на -18,7%. Вкупната задолженост, пак, кај овие фирми од 64,3% во 2019 година се зголемила на 71,1%.
Состојбата е подобра кај големите компании, какви што минатата година биле 510 деловни субјекти. Нивната профитна маржа се намалила од 6,1% во 2019 година на 5,3% во 2020 година, но тие и понатаму имаат најдобри показатели за профитабилноста во споредба со средните и малите фирми.
Намален е и бројот на фирми кои работат со профит. Минатата година 29.926 фирми работеле со добивка, што е намалување во споредба со 2019 година кога 35.377 фирми работеле со профит.
“Овој неочекуван двоен шок, што делуваше и на страната на побарувачката и на страната на понудата на стоки и услуги, ги погоди речиси сите дејности на секторот. Ефектите се почувствуваа преку пад на приходите, што во услови на структурно слаба ликвидносна позиција на домашниот корпоративен сектор, го зголеми ризикот од неисполнување на обврските и проблеми со отплатата на долгот на корпоративниот сектор”, се вели во Извештајот.
Дополнителен ризик, според Народната банка, е истекувањето на антикризните мерки,
кои помогнале за финансиската одржливост на корпоративниот сектор во претходниот
период, како и евентуалното продолжено траење на здравствената криза, што би ја
забавило динамиката на економското закрепнување.