Увозот на храна изминатата година достигна 664 милиони евра и е благо намален за околу 4 милиони евра или за 0,93% во споредба со претходната 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Тоа само благо го намали огромниот дефицит во трговијата на храна со светот, кој лани изнесуваше 301,3 милиони евра.

Во увозот на храна минатата 2020 година доминирале месото, зеленчук и овошје, брашното, млеко и млечни производи и други готови производи.

За увоз на месо и преработки на месо лани се одлеале од земјава 134 милиони евра, што е намалување за 7% или за околу 10 милиони евра на годишно ниво.
Втора најголема ставка во увозот на храна се свежото овошје и зеленчук, чиј увоз лани е зголемен за 4,2% и достигна 101 милион евра.
Увозот на жита и преработки од жита  лани надмина 96,7 милиони евра и е намален за 1,6% на годишно ниво.
За увоз на разни други производи за исхрана се платени 86 милиони евра.
Увозот на кафе, зачини и чај лани достигнал 76 милиони евра и е намален за 4,7%.
Увозот на млеко и млечни производи е намален само за околу 2,3 милиони евра и изнесувал високи 68,6 милиони евра.
Увозот на шеќер, преработки од шеќер и мед е зголемен за 4,2%, на 41,5 милиони евра.

Увозот на храна бележи постојан раст во последните десетина години. На пример во 2011 година за увоз на храна сме трошеле 483 милиони евра, а десет години вредноста на увезената храна е поголема за 180 милиони евра или за 37,5 %