И покрај нарушувањата во трговијата кои ги предизвика пандемијата, извозот на македонското овошје, а посебно јаболката, минатата година има зголемување.
Во текот на изминатата 2020 година од Македонија биле извезени јаболка во вредност од 25,8 милиони евра, што е зголемување за 40,4% или за 7,4 милиони во споредба со претходната 2019 година, покажуваат податоците од државниот завод за статистика.
Јаболката го имаат лидерското место како најизвезувано овошје за минатата година со учество од 43% во вкупниот извоз на овошје од земјава.
Минатата година биле извезени 91,6 милиони тони јаболка, што значи дека просечната постигната цена изнесувала 0,28 центи по килограм.
Извозот остварен лани е најголем извоз во последните осум години, гледано вредносно. Според извезените количини, најголема количина на јабочка биле извезени во 2019 година, околу 103 илјади тони, но заради пониската цена извозот изнесувал 18,3 милиони евра.
Според податоците од Worldtopexports за 2019 година, Македонија е 26-ти најголем извозник на јаболка во светот и трет во регионот, после Србија, со извоз над 100 милиони евра и Грција со извоз на јаболка од над 40 милиони евра.
Половина од македонските јаболки лани биле продадени во Руската фередација. Според податоците од Државниот завод за статистика лани во Русија бил направен извоз на јаболка вреден 12,9 милиони евра.
Втор најголем извозен пазар за македонските јаболка е Бугарија, каде лани биле продадени јаболка вреди 3,7 милиони евра.
Во Романија биле извезени јаболки во вредност од 3 милиони евра.
Следат Србија со извоз од 1,8 милиони евра и Косово каде лани биле извезени јаболка во вредност од 1,6 милиони евра
Според статистичките податоци, вкупниот извоз на овошје од земјава во 2020 година изнезувал 58,9 милиони евра и е еден од ретките извозни сегменти кои пандемиската 2020 година ја завршија со раст од 15,08%.