Побарувачката за храна од растително потекло се зголеми за време на кризата со коронавирус, бидејќи потрошувачите се обидоа да јадат повеќе здрава храна, а проблемите во некои фабрики за месо ги намалија резервите на месо”, изјавиja денеска Mарк Шнајдер, директор на швајцарскиот гигант за храна Nestle, пренесува Ројтерс.
Најголемата светска компанија за пакувани прехранбени производи инвестира многу во растителни производи бидејќи сака да ги засили иновациите и да одговори на предизвикот на трендовските локални брендови за храна.
Во следниот период компанијата планира да лансира растителен млечен пијалок Nesquik и нова верзија на нивниот вегански бургер.

„Интересот за алтернативи базирани на растенија е во пораст од повеќе причини“, изјави Шнајдер за Ројтерс, повикувајќи се на проблеми во северноамериканскиот ланец на снабдување со месо.
Во пролетта, околу 20 фабрики за месо беа затворени во САД по илјадници случаи со коронавирус.
„Луѓето исто така имаат нов интерес за лично здравје и губење на тежината, бидејќи КОВИД особено ги погодува оние со претходно постоечки здравствени ризици“, рече Шнајдер.

Продажбата на храна од растително потекло на Nestle скокна за 40% во првата половина на 2020 година, откако минатата година достигна 200 милиони швајцарски франци (215 милиони американски долари).
Тоа сепак е се уште мал дел од вкупната продажба во 2019 година на Nestle од 92,6 милијарди франци.
Шнајдер рече дека очекува цените на алтернативите за месо од растително потекло да паднат со текот на времето, но додаде дека тие ја рефлектираат повисоката цена на состојките како што се грашок или протеини од соја.

„Ние сакаме да бидеме лидери во многу од сегментите и ќе одиме дотаму до каде што пазарот ќе не однесе“, рече тој, истакнувајќи дека „Nestle“ работи на растителни алтернативи во други категории, вклучувајќи чоколадо и сладолед.