На 1 јуни 2023 година Finance Think го организираше Економскиот Форум: ,,Парафискални давачки: Мало делче од сложувалката на конкурентноста”, чија цел е да се презентираат клучните аргументи од две и пол годишната иницијатива за подобрување на финансиска транспарентност на Општините, со фокус на парафискалните давачки, базирана на истражувања и податоци, а со финансиска поддршка на Европската Унија. Линкот до целиот настан е овде.

Парафискалните давачки и понатаму претставуваат умерено голем товар за бизнис секторот, при што микро и малите компании овој товар го  чувствуваат посилно. Сепак, административниот товар на поднесоци, корекции и комуникација е поголем во споредба со финансискиот товар, иако постојат разлики во однос на различните нивоа на власт. Во споредба со 2019 година, парафискалните давачки кон институциите на Централната власт имаат тренд на пораст, иако умерен, треба да се испитаат причините, дали е резултат на воведување нови давачки или дополнителна верификација на веќе постоечки давачки. Таквиот тренд е во линија со перцепцијата на компаниите за парафискалните давачки, од кои 58 проценти од компаниите сметаат дека ПФД останале исти, во споредба со 2019 година, и 37 проценти сметаат дека ПФД се зголемиле.

“Парафискалните давачки кон ЕЛС се умерени, се движат од 8 до 15 парафискални давачки. Финансискиот товар од  парафискалните давачки кон локалните власти е релативно помал во споредба со административниот товар.  На централно ниво,  исто така предничи товарот од неизвесноста поврзана со следењето на регулативата за ПФД, а потоа следи финансискиот товар.  Иако е забележан одреден прогрес во поглед на свесноста за воведување на нови давачки, сеуште трендот е растечки а процесот на оптимизација е во почетна фаза. Оттука, препораките се  оптимизацијата на парафискалните давачки на национално и локално ниво да се интензивира, а транспарентноста да се зајакне”. Оптимизацијата да опфати една или комбинација од следните форми: дигитализација и администрирање на поднесоците; намалување на цената и/или прилагодување согласно потенцијалот на капацитеотт; спојување и кратење на давачките; зголемување на наменското користење на средствата и противуслугите за уплатените средства. Дигитализацијата да биде прв чекор, особено на локално ниво, додека кај парафискалните давачки на национално ниво да вклучи и намалување на бројот и прилагодување на цената базирана на јасна методологија”, истакна Благица Петрески, извршен директор на Finance Think .
(Деталите се сумирани во Брифот за политики на следниот линк.)

Министерт за финансии Фатмир Бесими,  беше еден од говорниците и истакна: „Се стремиме кон поедноставување поедноставување на системот на парафискални давачки, за кој најазначајно е колку чинат и колку информации имаме за нив.  Најзначајни процеси за тоа се дигитализација на услугите и транспареноста. На таков начин ќе се подобри ефикасноста во давањето на усугите и предвидливоста за бизнис секторот, што ќе значи поповолна деловна средина. При тоа клучно е да се направи дистинкција помеѓу парафискалните давачки и административните такси„

Министерот за економија Крешник Бектеши истакнапостои потреба за подобро системско уредување на парафискалните и останатите такси и давачки од неданочна природа во земјава, но и зголемена свест со цел диференцирање на парафискалните од останатите давачки и такси од неданочна природа. Ова дотолку повеќе што анализите направени во рамките на проектот покажаа дека од вкупно 377 давачки, дури 255 се административни такси и се регулирани во тарифникот на Законот за административни такси, останати неданочни плаќања регулирани со други материјални закони се вкупно 117, додека давачки кои се наплаќаат од самостојни органи на управа и се воедно давачки од кои одат директно во буџетот на органот се вкупно 46.

Процесот на системско уредување на овие давачки бара донесување на акти кои ќе ја дадат правната рамка за воспоставување, следење и надзор на давачките од неданочна природа, вклучувајќи ги и парафискалните давачки, како и креирање на алатки за понатамошно систематизирање на давачките што ќе обезбеди поголема предвидливост и транспарентност. Битно е да се истакне дека оптимизацијата на овие давачки е процес кој треба да обезбеди правичност, водејќи сметка за интересите на бизнисите, но и водејќи сметка за реална процена на цената на чинење на определени услуги,  имајќи во предвид дека неданочните давачки се приход од кој се обезбедува непречено фукнционирање на определени институции и на државните институции воопшто“.

Заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Сања Бојаниќ потенцираше дека УНДП како развојна агенција активно работи на дигитална трансформација на општините и имплементира алатки кои придонесуваат за поголема транспарентност и одговорност на локалните самоуправи кон граѓаните и бизнисите. Како пример го посочи ЛОГЕС – првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата, кој во моментов е достапен во 18 општини и пристап до него имаат над 250.000 граѓани и илјадници компании. „Ова е особено важно од аспект на зголемување на транспарентноста на општините, бидејќи преку дигитализацијата сите компании имаат еднаков пристап до локалните услуги, како што се добивање одобрение за вршење дејност, потврда за катастарска парцела и низа други услуги. Сметам дека ова е значаен чекор напред кон градење фер и конкурентни услови за водење бизнис“, рече Бојаниќ.

Од аспект на транспарентноста, резултатите покажаа дека буџетската транспарентност, главно, e детерминирана од институционалните карактеристики на ЕЛС, со поизразено влијание од буџетските фактори и умерено влијание од политичките фактори. Додека, пак, за вкупната транспарентност, еднакво се значајни и факторите на опкружувањето. ЕЛС, кои имаат помала зависност од централниот буџет, помало учество на парафискалните давачки во вкупните приходи и поголема реализација на планираните средства, имаат поголема веројатност да имаат буџетска транспарентност (деталите се на следниот линк). Сепак, сеуште доминира фокусот на транспаретноста на расходната страна на буџетите, додека генерално се игнорира транспарентноста во поглед на приходната страна, каде што се парафискалните давачки.

Клучните постигнувања на оваа иницијатива се:

  • Подигната е транспарентноста за парафискалните давачки За прв пат, направен е систематизиран преглед на мапирани парафискални давачки на национално ниво и на локално ниво за 18 ЕЛС и објавени детали за овие давачки на платформата www.parafiskalni.mk , чија цел е да се подигне транспарентноста, но, и свесноста за значењето на овие давачки. 
  • Разбирањето за парафискалните давачки е унапредено, и креирани се докази кои ќе помогнат во  креирањето на политиките
  • Идентификувани се формите на оптимизација и засилен е процесот на оптимизација на локално ниво, преку дигитализација на поднесоците