Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор е намалена за 0,05 процентни поени во декември и изнесува 4,17%, покажуваат објавените податоци на Народната банка.
Притоа, надолната промена се должи на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,06 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.), при што оваа каматна стапка е пониска за 0,46 п.п., во споредба со истиот период претходната година.
Во декември 2019 година, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор била уште пониска и изнесувала 3,80%.
Месечниот пад е резултат на надолното поместување кај каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,22 п.п. и 0,09 п.п., соодветно), додека каматните стапки на кредитите во странска валута се зголемени (за 0,31 п.п.). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,50 п.п.
Истовремено со намалување на каматите на кредити, намалување има и кај просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, која во декември е намалена за 0,03 п.п. и изнесува 1,53%.
Покрај каматите за кредитирање на населението, македонските банки ги намалиле и каматите за кредитирање на домаѓинствата. Во декември, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата се намалила за 0,04 п.п. и изнесува 5,70%, додека каматата за депозитите од домаќинствата до декември изнесувала 1,23%.
Ако се има во предви дека Народната банка ја намали основната каматна стапка на 15 јануари на најниско досега ниво од 2%, може да се очекува дека трендот на намалување на каматните стапки ќе продолжи и годинава.