Побарувачката за природен мед се зголемува со забележително темпо во последните неколку години, особено на пазарите како што се Европа, САД и Јапонија. Големиот профит и побарувачката поврзани со органски производи ја движат стапката на раст на индустријата за природни засладувачи. Пандемијата на Ковид 19 дополнително ја зголеми побарувачката за природниот мед.
Глобалниот пазар на мед достигна вредност од 7,19 милијарди долари во 2019 година, и проценките се дека во 2020 година ќе достигне вредност од 7,84 милијарди долари, што е годишен раст од 9%, покажуваат податоците на аналитичката куќа Tridge.
Се предвидува пазарот да порасне од 7,84 милијарди долари во 2020 година на 11,16 милијарди долари до 2027 година, што претставува годишен раст од 5,2% во текот на периодот на прогноза или вкупен раст од 42% за овој седумгодишен период.
Пандемијата на Ковид 19 предизвикува позитивен шок во побарувачката за мед во сите региони, заради неговите својства за олеснување на кашлица и настинка предизвикана од коронавирус и сезонскиот грип, како и зголемување на имунитетот.
Покрај тоа, побарувачката за производи што го зголемуваат имунитетот се очекува да остане силна и по завршувањето на пандемијата.
Поради своите антибактериски, антивирусни и антифунгални својства, медот има примена како лек за лекување на акутни инфекции на кашлица и грло.
Најголем извозник на мед, според податоците на Worldtopexport за 2019 година, е Кина, со пазарен удел од 11,9%. Следи Нов Зеланд со учество од 11,6% и земја со најголем годишен раст.
По Нов Зеланд, Аргентина и Германија ги држат третото и четвртото место, а по нив следуваат Украина, Индија, Шпанија, Унгарија и Бразил.
Но, за 2020 година може да има промени во рангирањето на листата на најголеи извозници бидејќи Нов Зеланд, Украина, Мексико и Турција пријавија значителен раст на извозот за 2020 година и очекуваат раст за наредните години.
Македонија извезува малку мед, но има потенцијал во извоз на чист и органски мед
Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година во Македонија имало 96.143 пчелни семејства, што е најголем број во изминатите 10 години. Само за една година пчелните семејства се зголемени за речиси 15.000 или за 18%. Во споредба, пак, со пред десет години има 20 илјади повеќе пчелни семејства.
Најголем дел од пчелните семејства во Македонија се од автохтон род македонска пчела за која студиите покажуваат дека преживува значително подолго од новововедените видови во региoнот.
Иако најголем дел од произведениот мед се продава на домашниот пазар, потенцијалите за извоз на мед, посебно на органски мед, се навистина големи, посебно заради фактот што Македонија има многу места со чиста и здрава околина, што е гаранција дека може добро да се позиционираме на европскиот пазар.
Во насока на брендирање на земјата како место за одгледување на органски меди, може да се искористи и насловот од филмот Honeyland (Медена Земја) кој беше номиниран за Оскар за најдобар документарен филм.
Статистичките податоци покажуваат дека од Македонија во 2020 година е извезен мед на странските пазари во вредност од 567 илјади долари, кој бележи раст за 6,9% во споредба со 2019 година.
Од земјите во регионот, најголем извозник е Бугарија со годишен извоз на мед во 2019 година од 41 милион долари, со што е 16-ти најголем извозник на природен мед во светот. Следат Грција со извоз на мед вреден 14 милиони долари, Србија со извоз вреден 10 милиони долари, Словенија со извоз вреден 2,2 милиони долари и Хрватска со извоз од 1,95 милиони евра.