Во првите четири месеци од 2021 година од Македонија е остварен извоз на храна и прехранбени производи во вредност од 123 милиони евра, што е раст за 13,7% или 15 милиони повеќе во споредба со истиот период минатата 2020 година.

Но, зголемените приходи од извоз на прехранбени производи речиси целосно се должат на повисоките цени на храната, со оглед дека извезените количини во периодот јануари –април годинава се речиси на исто ниво како и лани.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите четири месеци годинава биле извезени 146 милиони килограми, што е за само 0,21% повеќе во споредба со истиот период лани.

Најголем дел од извозот на храна во првите четири месеци годинава или 45% отпаѓа на извозот на зеленчук и овошје, од што се заработени 55,3 милиони евра, за 13,5% повеќе во споредба со истиот период лани. Гледано количински, годинава биле извезени за шест илјади тони помалку зеленчук и овошје (- 6,1%)  во споредба со лани, но заради зголемените продажни цени остварени се поголеми приходи.

Втора најголема извозна ставка во извозот на храна се преработките од жито, каде најголем дел отпаѓа на кондиторските производи, од чиј извоз во првите четири години се остварени приходи од 26,2 милиони евра, за 8,22% повеќе во споредба со истиот период лани. Гледано количински, извозот на оваа ставка производи годинава изнесува 28 илјади тони и е поголем за 19,5% во споредба со истиот период лани, што укажува дека продажбите биле по пониски цени, заради што е остварен помал пораст на приходите од извоз.

Од извоз на месо и преработки од месо во периодот јануари-април годинава се остварени приходи од 15,3%, што е за 40% повеќе во споредба со истиот период од 2020 година. Гледано количински, извозот на месо и преработки од месо во истиот период изнесувал 3,8 илјади тони и е поголем за околу 25% во споредба со лани.

Од извоз на млеко и млечни производи во првите четири месеци годинава се остварени 6,6 милиони евра, за 26% повеќе од истиот лани.

Од извоз на кафе, чај, зачини и какао биле остварени речиси исто приходи како и од извозот на млечни производи, 6,5 милиони евра и тие биле зголемени за 7,7% во споредба со лани.

Увозот на храна во првите четири месеци достигна 239 милиони евра, што е раст од 2,7% во споредба со истиот период лани.