Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија ја презентираше анкетата за странските директни инвестиции во земјава со посебен осврт на актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата за идната година.
Анкетата ја презентираа Виктор Мизо, претседател и Боријан Борозанов, потпретседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
Анкетата која е спроведена во првата половина на месец ноемвери годинава вклучува одговори на 72 % од анкетираните производствени компании кои се лоцирани во и вон ТИРЗ-овите во сите плански региони од државата. Претежно тоа се компании од автомобилската индустрија коишто минатата година заедно имале 20.700 вкупен број на вработени.
Повеќе од половина или 54% од компаниите во сериско производство пријавиле пад на производниот обем во првите 10 месеци од 2021 година споредено со планот/буџетот, со намалувањето помеѓу 10% и 35%, како резулатат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали и пречките во нормалното одвивање на транспотот. Намалување на нето извозот имале 46% од испитаните компании во првите 10 месеци од 2021 споредбено со првичниот план, а намалувањето изнесувало помеѓу 10% и 35%.
Повеќе од половина од испитаните компании или 54% од нив се изјасниле дека трошоците за увоз на основните суровини за производствениот процес во последните 10 месеци (јануари – октомври) споредени со истиот период во 2020 година се повисоки со зголемување кое се движи помеѓу 20 и 35%.
И покрај поголемиот пад на обемот на производство и извозот, бројот на вработени е помал за 1,7% на крајот на октомври во однос на крајот на 2020 година.
Ова ја покажува општествената одговорност и грижата за своите вработени кои дури и во услови на пролонгирана и намалена економска активност компаниите ги задржале на работа своите вработени и користат начини за дообука и доусовршувањ за нивна подобра продуктивност и ефикаснот во посткризниот период.
На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инжинерски и технички кадар, а најлесно до административен кадар. Како причина за недостатокот на работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и несоодветното стручно образование на потенцијалната работната сила на пазарот на труд и ниската мобилноста на работна сила за прифаќање на работа надвор од главниот град.
На прашањето за финанската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 93% од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од пандемијата, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, субвенционирње на трошоците за електрична енергија, како и за намалување на увозните царински давачки за компоненти наменети за технолошко наппредно производство-процес кој што е започнат и се очекува негова имплементација со законско решение во почетокот на 2022 година.
За 44% од компаниите корисници на државна помош правилата не се јасни и даваат можност за различни толкувања, како и дека давателите не ги спроведуваат правилата доследно. Најголем дел од компаниите ги контактират надлежните агенции и тела заради прашања поврзани со државната помош. За 54% од компаниите државната помош многу влијаела на одлуката за првичното инвестирање во земјата, односно истата не би се случила без државна помош. За 32% од компаниите државната помош имала мало влијание, во насока на зголемување на планираната инвестиција и нејзино забрзување.
Што се однесува до комуникацијата со надлежните институции, 50% од компаниите кои комуницираат со ДТИРЗ не гледаат подобрување на услугата во периодот јануари – септември 2021, односно сметаат дека состојбата е иста како и претходно, 7% од компаниите сметаат дека има уназадување, додека 32% од сите компании се изјасниле дека се сосема задоволни од услугата што ја добиваат од надлежните тела. За подобрување на ситуацијата компаниите предлагаат почеста комуникација, средби и посети на компаниите, поголема активност и координираност на институциите, изработка на унифицирани извештаи, следење и решавање на проблемите и сл.
Во однос на очекувањата за 2022 година, 39% од испитаните компании очекуваат приближно исти приходи, раст на приходите од 10% до 30% очекуваат 40% од анкетираните компании, а намалување на приходите од 10% до 30% прогнозираат 21% од анкетираните компании.
На прашањето дали повторно би инвестирале во земјава, 75 % од испитаните странски инвеститори одговориле потврдно, додека 25% од нив не би инвестирале повторно. Најголемиот ризик за развојот на нивните компании го гледаат во несигурната економска и институционална клима, негативна перцепција кон странските инвеститори, незаинтересираноста на работниот кадар за учење и работа, недоволната институционалана грижа и неисполнувањето на дадените ветувања и договорни обврски.
Како главни конкурентски локации на РС Mакедонија компаниите инвеститори во земјава ги наведуваат се Србија, Бугарија и Мароко.