Народната банка ја ревидираше прогнозата за раст на Бруто домашниот производ (БДП) за оваа година на минус 4,9%, што е влошување во однос на априлската проекција кога предвидуваше пад на БДП од 3,5 %.
Ова го соопшти денес на прес конференција гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, на која ги презентираше на најновите макрокоеномски проекции за оваа и за наредните години.
Закрепнувањето кое се очекуваше во втората половина годинава, според гувернерката Ангеловска Бежоска, не се случи, поради ефектот од вториот бран на ковид-кризата и влошувањето на надворешната побарувачка за домашни производи кај нашите главни надворешно трговски партнери кои исто така се соочуваат со продолжување на кризата. Заради тоа, се очекува и поспоро закрепнување на македонската економија во наредната 2021 година, кога се очекува растот да биде 3,9%. Во 2022 година ќе изнесува 3,6%, а во 2023 година се очекува раст на БДП од 4%.
„Ова значи дека економијата ќе се врати на предкризното ниво во 2022 година“, рече Ангеловска Бежоска.
“Закрепнувањето на економската активност во 2021-2022 година се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка“, нагласи гувернерката.
Ќе паднат сите сегменти на БДП, освен јавната потрошувачка која е неопходна, односно државата мора да троши како одговор на кризата.
Најголем пад ќе има кај бруто инвестициите од 13%, извозот ќе биде годинава помал за 11,7%, а кај личната потрошувачка падот ќе биде 4%.
„Главниот надолен ризик се поврзува со евентуалното повторно воведување на строги рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот, како одговор на веќе актуелниот втор бран на пандемијата, како и евентуалното побавно справување со вирусот од тековните очекувања. Но, од друга страна, побрзиот напредок во третманот на корона-вирусот, како и во развојот на вакцина се фактори на оптимистичката страна. Доколку заканата од корона-вирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната економска активност“, објасни гувернерката Бежоска, која потенцираше дека се наоѓаме во критичен период кога се уште постои висока неизвесност заради што Народната банка ќе продолжи будно да ја следи ситуацијата и во согласност со сите најнови макроекономски показатели ќе прави соодветни прилагодувањана политиките.