Министерот за економија Крешник Бектеши оствари средба со амбасадорот на Република Полска во Северна Македонија, Н.Е. Војциех Тицињски.
Министерот и амбасадорот на средбата разговараа за економската соработка помеѓу двете земји и можностите за унапредување на истата.
На средбата беше изразено задоволство од континуирано плодната соработка и цврстите пријателски односи меѓу двете земји и посебно беше нагласена јасната поддршка од Полска за започнување на пристапните преговори со Европската Унија како и за реформите потребни за целосно интегрирање на нашата земја во Европската Унија.
Министерот потенцираше дека Република Полска е мошне важен трговски партнер за нашата држава и во 2019 година и 2020 година, со трговска размена од околу 300 милиони евра и се наоѓа на 14-то место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.
На средбата беше потенцирано дека има простор за зголемување на трговската размена меѓу двете земји во наредниот период по завршување на пандемијата.
Во однос на соработката со Полска министерот потенцираше дека во изминатите години се забележува континуиран раст на бројот на полски туристи во нашата земја, а очекувањата се дека и во наредниот период, односно следната туристичка сезона овој тренд да продолжи.
Министерот Бектеши и амбасадорот Тицињски се согласија да продолжи комуникацијата во насока на подобрување на економските релации и изнаоѓање на најсоодветни решенија за економски развој на двете земји.