Активностите во процесот на валидација на усогласеноста на македонската Програма за Овластен економски оператор се во завршна фаза и се очекува во извештајот на меѓународните валидатори од ЦЕФТА страните, ЦЕФТА Секретаријатот, Европската Комисија и експерти на ГИЗ, позитивна оценка и потврда за законска усогласеност со законодавството на ЕУ.

По завршувањето на постапката за меѓународна валидација на Програмата за Овластен економски оператор (ОЕО), македонските ОЕО, покрај погодностите во нашата држава, ќе имаат големи погодности и во ЦЕФТА регионот, како што се приоритетно минување на граничните премини, помалку контроли, избегнување на двојно поднесување документи, бесплатни обуки итн. а во насока на намалување на времето на чекање на граничните премини, намалување на трошоците и стимулација на трговската размена преку взаемно признавање на протоколи, процедури и документација.

На списокот на компании од земјава кои се Овластени економски оператори има 18 фирми меѓу кои прехранбени гиганти, шпедиции, компании за транспорт и логистика и странски инвестициски капацитети.

Од Овластениот економски оператор Нелт велат дека придобивките се повеќекратни,  директни и индиректни и веќе се чувствуваат во работењето.

„Од директните придобивки би издвоил: подобрена комуникација со царинскиот орган преку контакт лице од Царинската управа на кое можеме да се обратиме со прашања, потоа обуки за измени во царинското законодавство, како и полесен пристап кон царинските поедноставувања – издадено одобрение за спроведување на поедноставени постапки без повторна проверка на критериумите кои се проверени во текот на контролата пред издавање на одобрението за ОЕО. Во моментов, Нелт има одобрение кое е со неограничен период на важност при што времето на утврдување на увозните декларации е значително редуцирано во однос на претходно. Исто така важно ни е и претходното известување, надлежната царинска испостава за прием на тие декларации го известува Нелт кога пратката е селектирана за физичка контрола, кога пратките декларирани од страна на Нелт се селектирани за физичка контрола или контрола на документи, тие контроли се спроведуваат со приоритет, може и да се побара друго место за контрола“ – вели Методија Христовски, менаџер за логистика во Нелт.

„ОЕО имаат помалку физички и документарни контроли во однос на другите економски оператори, намалени контроли во моментот на увоз или извоз, но она што е особено значајно за нас – истакнува Христовски – е користењето на приоритетна лента за излез од царинското подрачје. Ова за нас е посебно важно да почне да функционира на граничните премини, посебно во делот на увозите, со што ќе се намали транзитното време што од друга страна влијае на оптимизација и поголема ефикасност на другите процеси.“

Од индиректни придобивки компаниите иматели на ОЕО сертификат издвојуваат: намалени безбедносни и сигурносни инциденти, намалени кражби и загуби, односно заштита на производи, објекти, опрема, информации и ресурси од кражба, употреба на лого што е корисно како маркетиншка алатка,  на сите официјални документи треба да стои логото на ОЕО како официјален знак на препознавање дека операторот е безбеден и сигурен партнер во Синџирот на Снабдување и доверлив бизнис партнер.

Според директорот на ЦЕФТА Секретаријатот, Емир Ѓикиќ, со добивањето на статусот Овластен економски оператор домашните компании покрај поволностите за царинското подрачје на државава ќе имаат такви поволности и во целиот ЦЕФТА регион што значи поедноставени царински процедури, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на  физички и документациски контроли од царинските служби, избор на местото на контрола итн. Концептот на Овластен економски оператор ја прави меѓународната трговија побезбедна, побрза и поефикасна.

„Програмата ОЕО и взаемното признавање (МРА) ќе ги намалат трошоците за трговија и времето поминато на премините и ќе обезбедат производите и услугите побрзо да стигнат до пазарот на ЦЕФТА. Во рамките на регионалната трговска агенда, активностите на ЦЕФТА се насочени кон олеснување на трговијата со стоки и услуги. Поседувањето на сертификатот за компаниите значи дека ги исполнуваат економските и безбедносните стандарди за вршење на надворешна трговија. ОЕО сертификатот е и инвестиција за производителите, транспортерите, шпедиторите и увозниците со царински стандард, кој и дома и во странство е показател дека компанијата работела на подигнување на нивото на сопствената конкурентност. “-  вели г-дин Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.

„Веќе очекуваме взаемно признавање на ОЕО програмата помеѓу ЦЕФТА страните и остварување на придобивките од ОЕО сертификатот во сите ЦЕФТА страни“ – вели Христовски од Нелт – „со тоа значително ќе се намалат трошоците и времето на чекање, а регионалната трговија ќе стане поефикасна и посигурна. “

Овластен економски оператор (ОЕО) е субјект што е одобрен од царинските администрации да користи олеснувања во поглед на царинските контроли поврзани со безбедноста и сигурноста и/или поедноставувања пропишани со царинските прописи. Покрај увозници и извозници за едно вакво одобрение може да аплицира и производител, превозник, застапник во царински постапки, имател на царински склад, доколку ги исполнуваат пропишаните критериуми и услови.

„Ги охрабруваме македонските компании да аплицираат за статус на овластен економски оператор, така што тие ќе можат да се приклучат на регионалните синџири на снабдување во рамките на ЦЕФТА и да ги користат придобивките и можностите што доаѓаат од заемното признавање на одобрениот статус. Преку работилници и обуки ја подигнавме целокупната свест, знаење и разбирање за ОЕО, како кај приватниот сектор, така и кај царинските службеници.“ – вели директор на Царинската управа, Горан Сугарески.

„Во меѓународната трговија, компаниите се мерат не само со годишен профит, туку и со тоа како ги извршуваат своите активности. Добивањето статус на ОЕО потврдува и докажува дека компанијата ги извршува своите активности во согласност со правилата и препораките што се релевантни за ефикасноста и безбедноста на работењето.“ – истакнува Сугарески.

Овластениот економски оператор претставува  концепт за модернизација на царинското и надворешно-трговското работење кој произлегува како реформа од Берлинскиот процес и протоколот 5 од ЦЕФТА.