Цената на горивата од ноќеска на полноќ се зголемува за половина до 1,5 денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,56%.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за половина денар по литар и ќе изнесува 54,5 денари. Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапува за еден денар по литар и ќе чини 57 денари. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,5 денари и тој ќе се продава за 47 денари за литар.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) исто така се зголемува за 1,5 денари и ќе изнесува 35,00 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 1,329 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 19,498 денари.
Како причина за зголемувањето на малопрадажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемувањето на референтните цени на дериватите во изминатите седум дена.
“Цената на бензинот се зголеми во просек за околу 5,64%, а кај дизелот зголемувањето е во просек за околу 10,84%. Цената на екстра лесното масло порасна во просек за околу 13,64%, додека кај мазутот се регистрира зголемување во просек за околу 12,81 %. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,099 %”, велат од Регулаторната комисија за енергетика.