После 45 години, македонската железница се поднови со три електролокомотиви

Трите нови електролокомотиви од денеска се пуштени во сообраќај, информира „Железници на Република Северна Македонија транспорт“ АД-Скопје. Локомотивите се произведени во Кина, а се набавени со проектот за ревитализација на возниот парк на „ЖРСМ транспорт“ АД-Скопје финансиран од Европската банка за обнова и развој.

Вредноста на трите нови локомотиви изнесува 6. 414.000 евра, а треба да биде набавена уште една, со што вкупната вредност на проектот е  8.678.600 евра.

„Со пристигнувањето на новите три електролокомотиви, се заокружува проектот за ревитализација на возниот парк на ‘Железници на Република Северна Македонија транспорт’ АД-Скопје, што претставува големо задоволство за нас, имајќи предвид дека последните локомотиви кои се купени датираат пред 45 години, во далечната 1975 година. Овие електролокомотиви се изработени согласно најстрогите европски директиви, критериуми и стандарди и ќе овозможат поквалитетен, побрз и побезбеден железнички превоз на пругите на територијата на Република Северна Македонија“, велат од Железници- транспорт.