Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија.

На потпишувањето на договорот присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, извршниот директор на „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје, Бајрам Реџепи, како и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Грција, Џефри Пајат.

Со потпишувањето на овој Договор се гарантира намерата на Владите на двете земји да ја прошират постоечката соработка во енергетскиот сектор, со цел да ја зајакнат соработката во секторот за гас преку промовирање на интерконекцијата на нивните гасни системи.

Изградбата на интерконекторот има за цел да ги зајакне односите помеѓу Северна Македонија и Грција и Европската Унија, да ја олесни трговијата со природен гас помеѓу двете земји, како и да овозможи и понатамошен развој на мрежата за пренос на гас на Република Северна Македонија. Една од главните предности од изградбата на интерконекторот е подобрување на сигурноста во снабдувањето и ликвидноста на пазарот на гас во Република Северна Македонија и снабдување со гас од Јужен коридор.

„Денеска имавме одлична прилика со мојот драг колега Костас да го потпишеме договорот за изградба на интерконекторот што се однесува до природен гас помеѓу Северна Македонија и Република Грција. Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава и тоа ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето со природен гас, а секако и во стабилноста во снабдувањето со природен гас. Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи во предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи како што се Република Косово и Република Србија. Затоа би сакал да ја искористам приликата уште еднаш да му се заблагодарам на министерот за одличната соработка што уште еднаш е одличен знак за продлабочување на соработката во различни сектори на општеството кај нашите две држави“, кажа министерот Бектеши по потпишувањето на Договорот.

„Потпишавме меѓувладин договор за изградба на гасовод за природен гас што ќе почнува од Неа Месимврија и ќе завршува во Гевгелија и на овој начин постигнуваме две работи. Прво, ја надградуваме геополитичката улога на Грција, со оглед на тоа дека уште повеќе ја зајакнуваме нејзината улога како енергетски крстопат, што од нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија и од друга страна на нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина, да ја постигне енергетската транзиција и постепено, да ги замени со природен гас позагадувачките облици на искористување на производството на електрична енергија и така, ова да придонесе и во општата европска визија, Европа да биде прв, климатски неутрален континент до 2050.  Ова е важен договор, ќе се создадат илјадници работни места за време на изградбата. Околу 110 милиони евра ќе чини изградбата на овој важен проект, што ќе ги обедини двата системи за природен гас на двете држави и секако, откако ќе почне со работа, овој гасовод многу ќе помогне во дополнителниот развој на нашите економии“, кажа министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас.

Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Северна Македонија изнесува 54 милиони евра.

Во наредниот период следи потпишување на Договор за соработка помеѓу „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје и Грчкиот национален оператор на гас ДЕСФА со којшто двете страни ќе гарантираат за изградбата на интерконекторот помеѓу двете држави.