Денеска официјално се потпиша Договорот за стратешко партнерство помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, со кој на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори.

На договорот се потпишаа британскиот министер за извоз Гарет Томас и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, свеченото потпишување се одржа во историската зграда на Стариот Адмиралитет во Лондон. 

Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период. Навистина сме благодарни што Обединетото Кралство, со својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои што се подготвени. Тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но и други проекти секако“, изјави Николоски по потпишувањето.

 “Денес започнува нова ера за односите меѓу Велика Британија и Северна Македонија, по потпишувањето на владиното партнерство (G2G Government to Government Partnership) кое ќе ја зголеми трговијата и ќе го поттикне економскиот раст. Ова партнерство ја поддржува реализацијата на критични инфраструктурни проекти во различни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергетика и технологија. Ќе може да се потпре на широк спектар на поддршка, вклучувајќи програми за техничка помош и до 5 милијарди фунти поддршка за финансирање на извозот од Велика Британија достапна за проекти во Северна Македонија”, се вели во соопштението на британската влада.

Министерот за извоз, пратеникот Гарет Томас, го изрази својот ентузијазам:

Ова партнерство отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија. Велика Британија има богато искуство во испораката на висококвалитетна инфраструктура низ целиот свет и воодушевен сум што го започнувам ова ново партнерство што ќе им помогне на повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија”, изјави Томас.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претходно информираше дека Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е договорена рамка од 6 милијарди евра од кои земјата ќе влече средства согласно реализацијата на проектите, а каматата по која ќе се одобрат, а се уште е во фаза на преговарање, ќе биде на ниво како и кај договорите што ги имаме со другите меѓународни институции.

Новиот инвестициски циклус всушност претставува проектно финансирање со што конечно се однесуваме како една европска држава. Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата. Никаде не пишува дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди, а британската Влада гарантира дека Македонија кога ќе ги земе кредитите, ќе ги врати“, рече Димитриеска-Кочоска и кажа дека заемот од 6 милијарди евра има рок на отплата од 10 години.

Бизнисот бара да учествува во 70% од проектите финансирани од британските пари

Бизнисот да биде присутен со најмалку 70 % од извршувањето на работите во новите проекти и инвестиции што ќе ги договора Македонија со Обединетото Кралство во рамки на стратешкото партнерство. Ова барање официјално го соопштил претседателот на Стопанската комора, Бранко Стопанската комора на денешната средба со министерката за финансии Кочоска.

Дали и колку ќе биде реализирано ова барање и во колкава мера домашните компании ќе бидат вклучени како подизведувачи во најавените проекти и инвестиции, останува да видиме. Она што е сигурно е дека овој договор ќе овозможи пристап до британска експертиза и финансиска поддршка за реформи, како и можности за британски инвестиции во стратешки сектори и поголем извоз на британските компании.

Бидејќи, извозното кредитирање го користат многу развиени земји како начин да се поттикне извозот на домашните компании, преку обезбедување на финансирање на проекти во кои ќе бидат вклучени компаниите.