Петнаесет азиско-пацифички држави се согласија да го формираат најголемиот светски трговски сојуз, под покровителство на Кина и без учество на САД.
Потпишувањето на Сеопфатното регионално економско партнерство (RCEP- Regional Comprehensive Economic Partnership)се случи вчера за време на онлајн состанокот одржан во Ханој, кој доаѓа три години по распадот на Транспацифичкиот трговски договор (TPP).
Договорот за слободна трговија TPP беше едно од најголемите наследства на владата на поранешниот американски претседател Барак Обама, но неговиот наследник Доналд Трамп се повлече од договорот во 2017 година, на првиот ден од неговиот мандат.
Новиот блок за слободна трговија ќе биде поголем и од Договорот САД-Мексико-Канада и од Европската унија.
Се проценува дека новиот договор дополнително ќе го зајакне влијанието на Кина во Азија, давајќи и подобра позиција да ги обликува трговските правила во регионот.
Договорот го потпишаа 15 земји – десет членки на Здружението на нации од Југоисточна Азија (ASEAN), како што се Малезија, Филипини, Индонезија и Виетнам, како и Австралија, Кина, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Договорот е значаен бидејќи ривалските регионални сили Кина, Јапонија и Јужна Кореја за прв пат се дел од заедничкиот трговски договор. Индија се повлече од договорот од 2019 година.
Договорот беше потпишан виртуелно, на самитот на ASEAN, на кој се дискутираше за напнатоста во Јужното кинеско море и плановите за економско закрепнување по пандемијата на коронавирус.
Целта на договорот, за кој се преговараше повеќе од една деценија, е постепено намалување на царините за увоз на индустриски и земјоделски производи меѓу земјите во следните 20 години, а некои од царините се планирани да бидат укинати веднаш.
Исто така, вклучува одредби за интелектуална сопственост, телекомуникации, финансиски услуги, е-трговија и професионални услуги.
RCEP ќе покрие 30% од светската економија и ист процент на светската популација и ќе се однесува на 2,2 милијарди потрошувачи.
Договорот стапува на сила кога ќе го ратификуваат доволен број држави, што се очекува да се случи во следните две години.