Заради ефикасно остварување на специфичните интереси на приватниот сектор во насока на унапредување на компетенциите и вештините на високообразовните кадри во согласност со потребите на бизнисот, во Стопанската комора на Северна Македонија од неодамна функционира Совет за унапредување на високото образование. Овој Совет има три приоритетни цели кои се состојат во развивање и унапредување на три програми:

  • Клуб на менаџери- претприемништво и лидерство– со едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа на бизнис-лидери (почеток на предавањата е од 9 декември 2021 година),
  • Развој на мали и средни бизниси и старт ап бизниси– со едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Модул за развој на мали и средни бизниси како и Модул за развој на старт ап бизниси (почеток на Модулот за мали и средни бизниси на 9 декември 2021 година) и
  • Институт за извоз- со едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа за продуцирање кадри за зголемување на извозот, со крајна цел формирање Институт за извоз (активностите за Изработка на студија за извоз и Платформа за извоз почнуваат во јануари 2022 година додека со Модулот за зголемување на вештините за извоз се започнува од 1 Ноември 2022 година).


    Од Стопанската комора ги покануваат сите заинтересирани претставници на среден менаџмент од големите и средно големите компании да се пријават и да бидат слушатели на Првата 6 месечна Програма во рамките на Клубот на менаџери- претприемништво и лидерство која започнува на 9 декември 2021 година, а која е планирано да заврши на крајот на месец мај 2022 година.
    Програмата содржи 7 Модули со 60 теми а предавачи се 50-тина реномирани претставници од бизнис секторот, академската и научна фела со акцент на пренесување на практични искуства.

Втората програма насловена Развој на мали и средни бизниси се фокусира кон претставниците од Виш менаџмент на малите и средни бизниси. Програмата опфаќа 8 модули со 50 теми, кои ќе бидат презентирани од страна на повеќе од 30-тина истакнати предавачи од бизнис секторот, академската и научна фела. Динамиката на реализација започнува на 9 декември 2021 година и се очекува да заврши на почетокот на јуни 2022 година.

Кај  двете Програми предавањата ќе имаат на почетокот краток теоретски вовед на секоја подтема, потоа следат практични примери, искуства и менторски пристап од страна на предавачите, а секој модул се базира на голема интерактивност и вежби по најнови европски и светски трендови. Секој Модул трае по 9 часа од кои последните 2 часа се наменети за дискусија и прашања.

Повеќе детали околу начинот на пријавување и запознавање со предавачите и темите, можете да најдете на интернет страната на Стопанската комора на Северна Македонија: www.mchamber.mk

Информации за Програмата и Пријавата за учество на Програмата на Клубот на менаџери- претприемништво и лидери.

Информации за Програмата и Пријавата за учество на Програмата на за развој на мали и средни бизниси.