Почнува градежна офанзива: Општините добиваат 70 милиони евра за изградба и санација на 450 километри патишта

Околу 70 милиони евра ќе им бидат распределени на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа. Со оваа директна помош Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиони евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат.

Ова беше денеска истакнато на свечената церемонија на потпишување на Меморандумот за соработка со сите општини и Град Скопје за користење на Проектот за локални патишта во износ од 70 милиони евра, кој се реализира со поддршка на Светската банка.

Премиерот Спасовски истакна дека со овој настан се отпочнува процес за една голема сезона на изградба и ревитализација на локалната патна инфраструктура ширум нашата земја.

„Оваа Влада покажа цврсто определеност да овозможи рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Токму затоа го покренавме овој проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт, дека Светска банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра. Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница“, вели Спасовски.

Тој нагласува дека Македонија е географски мало подрачје и дека инфраструктура е предуслов граѓаните брзо да комуницираат и соработуваат меѓу себе.

Министер за транспорт и врски, Горан Сугарески информираше дека со проектот е предвидена изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри.

„Висината на распределените средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површина на општината и бројот на регистрирани моторни возила во општината. Според вака утврдената методологија, на секоја општина на располагање и стојат од 500 илјади евра до 2 милиони евра и тоа зависно од висината на спомнатите критериум“, наведе министерот Сугарески.

Тој информираше дека со проектот посебен акцент ќе се стави на зајакнување на капацитетите на општинската администрација, но и на општествената одговорност преку времено вработување, учество во обуки и преквалификација на жени.

Секој денар вложен во инфраструктурата, се враќа четирикратно во економијата, истакна министерката за финансии, Ангеловска и посочи дека подобри патишта значат раст на транспортот, на трговијата, на туризмот, но пред сѐ, значат подобри услуги за граѓаните во земјава.

„Преку Проектот за подобрување на општинските услуги кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка, обезбедуваме проектна документација за општините за изградба по 3 километри локални патишта. Проектната документација е финансирана со грант средства преку МСИП во износ од 1,1 милион евра и со овој грант ќе се обезбеди проектна документација за 78 општини, односно сите општини кои имаат побарано. Досега е изготвена проектна документација за повеќе од половина од општините, односно за 45 општини, додека до крајот на март на сите општини ќе им биде предадена проектната документација“, рече Ангеловска.