По воведувањето на минималната плата во Германија, продуктивноста на работниците се зголемила

Според студијата објавена оваа недела од British University College од Лондон и германскиот институт IAB, продуктивноста кај германските работници се зголемила по воведувањето на минималната плата во 2015 година.

Наспроти загриженоста пред воведувањето, се покажа дека минималната плата не ја намали вработеноста во Германија.

Германија воведе минимална плата за час во 2015 година. Таа беше поставена на 8,15 долари и оттогаш се зголеми до 9,19 долари. Следното зголемување на минималмата плата е планирано за следната 2021 година, кога се планира да достигне 9,50 долари за час.

По воведувањето на минималната плата, се случи масовна промена кај најмалку платените работници кои преминуваа од помалку продуктивни кон попродуктивни поголеми компании, каде што беа достапни повеќе работни места со полно работно време, откриле истражувачите. Поголемите попродуктивни компании исплаќале подобри плати за споредлива работа.

Во регионите каде работниците имале најниски приходи пред воведувањето на минимална плата, се намалил бројот на компании со три или помалку вработени, но се зголемил бројот на средни претпријатија, како и просечниот број на работниците во големите компании.

Германија ја воведе минималната плата по долготрајниот период на економски раст во кој невработеноста во земјата се спушти на околу 5%, што е најниско ниво од 1990 година.