Индустриското производство во јули годинава било помало за 0,6% во споредба со јули изминатата 2020 година. Падот во преработувачката индустрија изнесува 3,9%, во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа има пад од 4,9%, додека во секторот рударство и вадење камен производството во јули било поголемо за 39,9%.
Ако се анализираат, пак, податоците за индустриското производство во првите седум месеци, тоа е за 5,4% повисоко во споредба со првите седум месеци во изминатата 2020 година. За споредба, индустриското производство во првите седум месеци во 2020 година имаше пад од 13,8% во споредба со истиот период од пред-пандемиската 2019 година.
Анализата на податоците само за преработувачката индустрија, каде се создава над 80% од вкупното производство во македонската индустрија, покажуваат дека во многу клучни индустрии, посебно во оние каде доминираат компании со домашен капитал, производството во јули било пониско во споредба со јулското производство лани, кое пак заради почетокот на пандемијата беше пониско во споредба со производството во 2019 година.
Или од вкупно 23 гранки во преработувачката индустрија, кај 14 од нив производството во јули било помало во споредба со јули минатата 2020 година, кога, пак, индустриското производство во целата економија забележа пад од 9,5% во однос на тоа во 2019 година.
Производството на лекови и фармацевтски лекови во јули бележи пад од 28,1% во споредба со истиот месец лани, производството на текстил е помало за 26%, на кожа и кожни производство за 23,4%, производството на метални производство бележи пад од 14,6%, производството во прехранбената индустрија било помало за 9,1%.
Но, пад на производството во јули имале и некои дејности во кои доминанти се компаниите со странски капитал кои претежано се врзани со европската автомобилска индустрија. Така производството на машини бележи пад од 14,2%, производството на елекетрична опрема е намалено за 13,1%, додека производството на моторни возила во јули било помало за 6,1% во однос на минатиот јули.
Производството на производи од гума и пластични маси бележи раст во јули од 37,2%, производството на хемиски производи, во кои влегуваат катализаторите кои ги произведува Џонсон Мети во јули било поголемо за 34,6% во однос на лани, производството на тутунски производи бележи раст од 25,3%, производството на мебел бележи раст од 19,2%.