Преголема концентрација на извозот кон Германија, пад на извозот во земјите од Западен Балкан

Народната банка на С.Македонија неодамна објави анализа во која се испитуваат одговорите на Македонија и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа на се поголемите промени во глобалното окружување и предизвиците кои ги носат глобализираната трговија и финансиски системи.

Во Истражувањето се анализира сѐ поголемото значење на глобалните синџири на производство помеѓу земјите од овие региони и Германија. Посебно внимание е посветено на македонската економија и видливите промени во трговската и производната структура, предизвикани од сѐ поголемата интеграција во глобалните синџири на производство во изминатата декада.

Во Истражувањето се потенцира дека искуството на земјите од Централна и Источна Европа кои се сега членки на ЕУ покажува дека најдобриот пат до просперитет на малите земји е преку интеграција со глобалната економија.

Пренасочување од домашната потрошувачка кон инвестициите и извозот создава поиздржлив модел на раст за мала економија како македонската. Оттука, се потенцира дека наоѓањето место во глобалните или регионални ланци на производство и снабдување е од фундаментално значење за идниот раст и просперитет.

Со оглед на географската локација, ЕУ е доминантен трговски партнер на македонските компании што е и еден од главните предуслови за политиката на врзан курс на денарот во однос на еврото.
Најновите податоци за 2018 година покажуваат дека 62,4% од увозот доаѓа од земјите на ЕУ и дури 82% од домашниот извоз е насочен кон ЕУ.

Добивките се поизразени на извозната страна, каде учеството на извозот насочен кон ЕУ во вкупниот извоз се зголеми за цели 34% во изминатите шест години, или од 61% во 2002 година на 82% во 2018 година.
Или, како дел од БДП, релативната важност на извозот во ЕУ се зголеми од 17% од БДП во 2002 година на 45% во 2018 година.

Паралелно со поблиските трговски врски со ЕУ и концентрацијата на извозот кон Германија, се намали важноста на поблискиот регион како трговски партнер.  Податоците покажуваат дека во последните десет години, учеството на извозот во регионот на Западен Балкан е скоро преполовено.

Концентрацијата на извозот кон Германија има во речиси сите земји од регионот со исклучок на Албанија и Црна Гора.

“Оваа преголема коцентрација носи значителни придобивки, но постојат и одредени предизвици. Концентрацијата на извозот во одредена индустрија и трговски партнер може да предизвика поголема ранливост во услови кога конкретната извозна дестинација или индустрија се соочуваат со проблеми. Оттука, главниот предизвик на Македонија е потребата за диверзификација кон извозот кон извоз со повисока вредност, извоз воден од технологија, што ќе ја намали ранливоста на економијата, а исто така ќе го зголеми трансферот на технологија и знаење кон домашната економија”, се вели во Анализата на Народната банка.