ИНТЕРВЈУ

ЉУПЧО ПРЕНТОСКИ, директор на Жичано производство во “БРАКО”

И покрај големите предизвици кои ги донесе пандемијата на Ковид 19, а сега и војната во Украина, благодарение на големиот инвестициски циклус и реорганизациските активности со кои се подобри ефективноста и конкурентноста на компанијата, „Брако“ е сега уште посилна компанија, пораснавме во 2020 година, а 2021 година беше рекордна во физичкиот и во финансискиот обем, вели Љупчо Прентоски, директор на жичано производство во велешки Брако, кој е еден од најголемите 100 македонски извозници, во интервјуто за специјализираниот портал ИзвозМК.

ИзвозМК: Неодамна „Брако“ со својата програма за жица и жичани производи се претстави на водечкиот саем од областа на жичаната индустрија во светски рамки, „Wire Dusseldorf“ 2022. Како сте задоволни од настапот и колку производите на „Брако“ се конкурентни на светскиот пазар?

Прентоски: Ова е наше прво изложување на овој престижен саем и со оглед на бројот на посетители го оценивме како многу успешен. Не посетија повеќе од 150 фирми од целиот свет, кои вкупно годишно купуваат над 500.000 тона  жичани производи. Ние бевме претставени со убаво уреден штанд, со изложени производи кои се во фокусот на овие купувачи и сето тоа доведе до позитивен исход. Во последните два дена од саемот бевме посетени и од многу наши добавувачи на суровини, потрошни материјали, машини и опрема, кои ни укажаа дека на саемот се зборува за „Брако“, што нам ни е доволен доказ дека сме имале успешна промоција на компанијата.

Нашите производи се конкурентни и со квалитетот и со комерцијалните услови кои ги нудиме. Сепак, ни претстои многу работа да влеземе во комуникација со сите посетители за по одреден период да можеме да оцениме низ конкретни бројки колку успешно сме ги реализирале поставените цели од оваа промоција.

ИзвозМК: Жичаното производство е една од првите производствени програми, а „Брако“ денеска е еден од најголемите производители на жичани производи во регионот и пошироко. Колкаво е производството на „Брако“ во овој сегмент и што се се произведува?

Прентоски: Моменталното производство на жичани производи во „Брако“ е околу 2.000 тона месечно. Капацитетот за извлекување жица (полупроизводи) е сериозно повисок, но истиот не е целосно искористен заради одредени просторно/технолошки реорганизациски активности кои ги изведуваме во последниве две години, како и заради преработувачкиот капацитет со кои моментално располагаме.
Во идниот период од најмногу две години, планираме и овој капацитет да го подигнеме до 3.000 тона готови производи месечно, за што сме во завршна фаза од преговорите со нашите добавувачи на опрема.

Нашиот асортиман се состои од градежни шајки, коилирани шајки, топло поцинкувана жица и нејзини преработки како универзално плетиво и бодликава жица, жарена жица, опружна жица и биговано плетиво.

ИзвозМК: Колку од жичаното производство на „Брако“ се извезува и кои се пазарите на кои сте присутни како компанија?

Прентоски: Само 11%-12% од вкупното производство на жичани производи, во зависност од годината, се пласира на домашниот пазар, додека извозот е остатокот од 88%-89%.

Жичаните производи ги пласираме главно во регионот на Балканот, на територијата на бившите југословенски републики, Австрија, Унгарија, Романија, Бугарија, Грција, Италија и Албанија. По саемот во Дизелдорф, веќе имаме договорени пласмани за Чешка, нови клиенти во Италија, добиваме барања за Гватемала, Чиле, Франција, Блискиот Исток итн. Можностите се неограничени, ограничувачки фактор е секако капацитетот на производството.

ИзвозМК: Изминатите две години беа преполни со големи предизвици и проблеми за бизнисот, почнувајќи со пандемијата на Ковид 19, потоа со пост-пандемиските проблеми, а сега и војната во Украина, кои предизвикаа големи поскапувања на енергенсите, суровините, транспортот…Како „Брако“ успева да ги менаџира овие проблеми, со што конкретно се соочувате како компанија и како тоа се одразува врз производството, извозот и финансиското работење?

Прентоски: Изминатите години беа полни со предизвици, но немавме војна во наша непосредна близина. До 2021 година, единствено ограничување за нас беше неможноста слободно да се патува и да се посетуваат деловните партнери, што може сериозно да влијае на работењето. Сепак, и во овие услови ние заклучивме дека е време да направиме сериозни внатрешни реорганизациски активности, како би ја подобриле нашата ефективност и би ги намалиле трошоците на работењето. Исто така, одлучивме да влеземе во голем инвестициски циклус, кој ќе ни овозможи да ги зајакнеме нашите позиции на пазарите кога овие појави ќе поминат. Тоа што го испланиравме го спроведовме во целост и се потврди како одлична одлука. „Брако“ е сега уште посилна компанија, пораснавме во 2020 година, а 2021 година беше рекордна во физичкиот и во финансискиот обем.

Војната во Украина е нешто што никој не го очекуваше и предизвика дополнителна нестабилност. Сега се соочуваме со голем пад на цените на суровините кои ги користиме во жичаното производство, кои секако влијаат за мало затишје на пазарот, но ние имаме јасна стратегија како ќе преминеме и преку оваа криза. Од аспект на цените на енергенсите, нашиот главен енергенс е електричната енергија, но и тука добро оценивме како ќе се развива ситуацијата и донесовме навремена одлука во 2021 година за набавка и инсталација на фотоволтаична електрана во „Брако“, која во голема мерка ќе го амортизира порастот на цената.

Сепак, следната година ќе знаеме дали стратегијата била добра или не, а ние сме уверени дека е добра.

ИзвозМК: „Брако“ е докажана како компанија која постојано инвестира во својот развој, во нова опрема и технологија и човечки капитал. Колку се инвестира во делот на жичаното производство и кои се очекувањата за тоа како овие инвестиции ќе влијаат врз идното работење?

Прентоски: Како што напоменав и претходно, во изминатите две години инвестиравме околу 5 милиони евра сопствени средства во развој на жичаниот програм. Направивме нова хала од 2.200 м2 во која ја сместивме најсофистицираната и најеколошката технологија за производство на топло цинкувана жица која моментално постои во светот. За потребите на оваа технологија направивме нова трафостаница, нова станица за генерирање на технички гасови (азот и водород), цел систем за третман на индустриска вода итн. Целосно ја реновиравме халата од 1.000 м2 во која беше сместена старата линија за цинкување и сега во неа работат машини за извлекување опружна жица, од кои едната е нова ,пуштена во работа во април годинава.

ИзвозМК: „Брако“ има големи амбиции кога станува збор за жичаното производство кои предвидуваат компанијата од балкански да прерасне во глобален производител и добавувач на врвни жичани производи. Како планирате да ги реализирате овие планови?

Прентоски: Доколку една фирма има амбиции да излезе од регионалната зона во која работи и продава, треба да исполни два основни услови, а тоа е да понуди квалитет кој пазарот го прифаќа и да има капацитет да ги задоволи заинтересираните купувачи, што само по себе во комбинација со добро менаџирање носи до конкурентност. Сите наши инвестиции во комбинација со промоцијата во најпрестижната манифестација од нашата индустрија во светот, а тоа е Wire Dusseldorf, не сместува во глобалните компании кои се способни да понудат жичани производи со врвен квалитет и конкурентна цена, на пазарите во целиот свет.

-ИзвозМК:  Во 2007 година „Брако“ ја отвори својата фабрика за жичани производи во Србија. Дали се уште функционира и колку инвестирањето надвор од границите на земјата е опција за развојот на компанијата во иднина?

Прентоски: Фабриката во Панчево прекина со производство во 2019 година кога ја донесовме одлуката за инвестирање во Велес. Капиталот кој беше таму вложен го насочивме во Велес и ги направивме инвестициите за кои претходно објаснив. Фирмата „Брако – Wire Products“ работи и е наш дистрибутер во Србија. Нејзините годишни приходи се над 3 милиони евра, а годинава очекуваме да поминат 4 милиони евра.

Во 2019 година оценивме дека е подобро да инвестираме во Велес, но доколку влеземе во некои нови производи, кои налагаат да бидеме локациски на друго место и друга држава, тоа е секако опција која се разгледува и се носи одлука. „Брако“ има свои фирми во повеќе земји во странство и тоа нема да е ништо ново за нас.

-ИзвозМК:  Што е според Вас клучно за една компанија да биде успешна во извозот и да има производи кои ќе бидат конкурентни на светски и регионален план, посебно во овие неизвесни времиња?

Прентоски: Ако сакате да настапите на странските пазари, мора да имате квалитетен производ и конкурентна цена. Доколку зборуваме за високо-сериско производство како што се жичаните производи, мора да инвестирате во врвна технологија во која човечкото влијание е сведено на минимум, освен во контролата и одржувањето, што само по себе носи до квалитет. Истата опрема мора да биде енергетски ефикасна и високо-продуктивна, што води кон конкурентни производни трошоци и цена на готовиот производ. Секако треба брзо да се реагира на промените на пазарите од разни причини, добро да се менаџираат процесите и луѓето и да се носат навремени одлуки за промени кои влијаат на некои од факторите наведени претходно.

-ИзвозМК:  Што може да се очекува во идниот период од „Брако“, посебно во делот на нови инвестиции, нови извозни пазари, вработувања…?

Прентоски: „Брако“ постојано инвестира во постигнување на својата примарна цел, а тоа е да биде компанија со глобално присуство на што е можно повеќе пазари во светот, со својата широка палета на производи од 4-те профитни центри. Со развојот на фирмата, секако ќе го зголемуваме и бројот на вработените.

Можам да најавам дека во жичаниот програм во наредната година ќе инвестираме дополнителни еден милион евра и ќе го подигнеме капацитетот до 3.000 тона месечно по пристигнувањето на опремата.