Ќе се бараат модели за јавно-приватно партнерство или приватизација на компаниите во кои државата има учество или пак се во нејзина сопственост, меѓу нив е и Пошта, но има и други, најави денеска премиерот Зоран Заев при посетата на новата фабрика за канабис во Ќојлија.

” Земјите со кои се натпреваруваме се со приватни пошти или со пошти со доминантно приватен капитал. Верувам дека ќе направиме некое успешно менаџирање со Словенија, Австрија, Германија, Полска… за да имаме перспективи за „Македонски пошти“. Целта е да имаме квалитетен поштенски собраќај и услуги за граѓаните”, рече Заев.

Заев најави дека вакви идеи има за повеќе државни компании, како ТЕЦ „Неготино“, „Македонски Железници – Транспорт“, „Еврокомпозит“, „Колска“ од Велес.

“Јавното-приватно партнерство ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на сите економски политики во следниот перирод, заради обидот да ги максимализираме сите ефекти за рестарт, односно за економски раст и развој, што верувам ќе биде пример во следните четири години”, истакна Заев.

На вчерашната седница Владата го утврди новиот текст на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги, што ќе биде доставен на усвојување до Собранието со кој се задолжуваат заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за економија и директорот на Национални пошти да иницираат подготовка на физибилити студија.

Со неа ќе се отворат можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ.


Бизнис заедницата со години бара либарлизација во железничкиот транспорт

Македонските извозни компании со години бараат поголеми инвестиции во железницата со цел да се овозможи поголема искористеност на железничкиот товарен транспорт.
Во услови кога со закон е утврден монопол на државната компанија која управува со железничкиот транспорт, која со години тоне во милионски начин, единствен начин да се овозможат поголеми инвестиции во нејзина модернизација се гледа преку дозвола за влез на приватни оператори.
Бизнис заедницата смета дека македонската железничка инфраструктура е во многу лоша состојба и потребни се нови инвестиции за таа да се обнови, а неопходна е набавка на повеќе  локомотиви за да се овозможи непречен проток на стоките од пристаништето во Солун, но и низ регинот, кое со директна врска е поврзано со Скопје.
Просечната старост на локомотивите е 50 години, а последните реконструкции на железничките пруги се направени пред неколку декади.
Неодамна и од Стопанската комора на Македонија побараа посилно реактивирање на железницата како транспортна опција на извозните компании, посебно во околности кога пандемијата донесе сериозни застои на патните гранични премини и километарски колони.

“Бизнис-заедницата со години апелира да не се чека влезот во ЕУ за да се дозволи влез на приватни оператори во железничкиот сообраќај – всушност, некои од примерите од соседството укажуваат дека процесот на либерализација на железничките услуги е најдобро да се започне уште пред отворањето на поглавјето транспорт во пристапните преговори, а аргумент плус е фактот што приватни оператори има во сите држави од нашето опкружување. Всушност, од сите земји низ кои минува железничкиот Коридор 10, Република Северна Македонија во моментов е единствената што нема либерализиран железнички пазар, а со оневозможувањето на сообраќањето на приватни оператори по пругите, нашата земја е главен кочничар за развојот на овој паневропски коридор. Јасно е дека либерализацијата на железницата не е прашање што може да се разреши веднаш, но преземањето на дејствија за започнување на тој процес би упатило јасна порака до извозниците дека тој конечно се забрзува”, велат од Стопанската комора.

Прашањето на либерализацијата и застарената инфраструктура доведуваат до тоа железницата да биде далеку понеповолната транспортна опција за македонското стопанство, иако за некои индустрии, како металургијата, и не постојат други алтернативи освен железнички транспорт.

Во текот на 2018 година реализиран бил товарен транспорт на 1,6 милиони тони стоки. преку железница. Во споредба со 2008 година кога преку железница се превезувале 4,2 милиони тони стока, товарниот транспорт е намален за над 60%.

На почетокот на годинава беа пуштени три нови електролокомотиви, набавени од Кина преку проект поддржан од Европската банка за обнова и развој. Пред овој проект, последните купени локомотиви беа купени пред 45 години.
И додека секаде во светот железницата е поевтин начин на транспорт, проценките кај нас се  дека превоз на еден контејнер со железница чини двојно повеќе отколку истиот да се превезе со камион.
Заради сето тоа, транспортот преку железница со години наназад е во постојано опаѓање и над 90% од стоките во земјава се транспортираат преку патен сообраќај.

“Сето ова говори за потребата што побрзо да се спроведе процесот на либерализација во железницата, но и да се продолжат инвестициските активности во железничката инфраструктура”, велат од Комората.