НАЈАВА ЗА ИНВЕСТИЦИСКА АКТИВНОСТ НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР
Инвестициите се клучот за заздравување на македонската економија во периодот на пандемија, но подолгорочно и за остварување на неопходните стапки на раст на БДП од над 5%, со цел да се оствари побрза конвергенција со дел од земјите од ЕУ. Во тој контекст, Стопанската Комора на Северна Македонија (СКСМ) е посебно заинтересирана за приватните инвестиции и за таа цел редовно го сондира мислењето на компаниите-членки преку анкети.
Првото прашање што се наметнува е дали во овие времиња на актуелна пандемија, приватниот сектор сака и може да инвестира?
Одговорот на овие прашања е потврден и базиран на спроведената анкета во август 2021 година за планираните инвестиции на компаниите – членки на СКСМ, во следните 12 месеци (септември 2021 – август 2022 година).
Секако, овие најави за инвестициска активност на приватниот сектор може да се остварат само доколку опкружувањето во кое се спроведуваше анкетата остане исто или стане подобро. Тоа значи да нема нов бран, нови рестриктивни мерки во земјата и кај нашите најголеми трговски партнери, да продолжи процесот на вакцинација со забразана динамика, односно ако ситуацијата се повеќе се нормализира.
Општи карактеристики на анкетираните компании се :
– Во однос на големината, 16,7% се микро, 20,8% се мали, 31,2% се средни и 31,2% се големи претпријатија
– Според сопственичката структура, 64,6% од претпријатијата се во доминантно домашна сопственост, додека 35,4% претпријатија се во доминантно странска сопственост
– Претпријатијата беа агрегирани според здруженијата во Комората во кои членуваат. Најголем број од компаниите кои земаа учество во анкетата се од Здружението за градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите (22,9%), 16,7% се од Здружението за земјоделство и прехрамбена индустрија, 14,6% се од Здружението за финансиски организации и 10,4% се од Здружението за информатичко-комуникациски технологии
– Во однос на годините на постоење, 72,9% се компании кои работат повеќе од 10 години, 12,5% работат од 5 до 10 години, а 14,6% работат од 1 до 5 години
– Во однос на каде работат, на 56,3% од анкетираните компании, активностите им се насочени и дома и во странство, на 31,3% активностите им се насочени само во Македонија, а на 12,5% им се насочени во странство.
Заклучни согледувања од спроведената анкета се:
– 93,8% од анкетираните компании одговориле дека планираат инвестиции во периодот од септември 2021 – август 2022 година,
– Вкупниот планиран износ на инвестиции на овие компании изнесува 161.054.020 евра
– Во однос на 2019 година, како последна споредбена година пред ковид пандемијата, 75% од компаниите се изјасниле дека планираните инвестиции во следните 12 месеци се повисоки
– 37,5% од компаниите изјавиле дека зголемувањето во однос на 2019 ќе биде повеќе од 51%
– Планираните инвестиции од 161.054.020 евра се распределени на следниот начин: машини и опрема 58.674.372,36 евра или 36,4% од вкупниот планиран износ на инвестиции; згради и земјиште 33.811.400 евра или 21% од вкупниот планиран износ на инвестиции; ИКТ и софтвер 24.927.191,36 евра или 15,5% од вкупниот планиран износ на инвестиции; истражување и развој 6.836.920 евра или 4,2% од вкупниот планиран износ на инвестиции, и други капитални инвестиии 36.804.136,78 евра или 22,9% од вкупниот планиран износ на инвестиции
– Според компаниите, реализацијата на планираните инвестиции најмногу ќе допринесе за следниве ефекти : зголемен промет (79,2%), зголемена добивка (75%), отварање на нови работни места (72,9%), зголемено производство (68,8%) и зголемување на извоз (52,1%)
– Вкупен ефект за државата во смисла на поголеми приходи на буџетот по основ на даноци, царини, акцизи, придонеси од плати, дозволи и сл., е 58.198.026 евра, што е еквивалентно на 36,1% од планираните инвестиции
– Ограничувачки фактори кои може да влијаат на реализацијата на планираните инвестиции (со можност за избор на повеќе фактори од страна на една компанија) во следниот период од 12 месеци за компаниите се:
o Законска регулатива и трошоци (даноци, парафискални давачки, дозволи и слично (62,5% од компаниите)
o Инфраструктура (43,8% од компаниите)
o Недостаток на соодветно квалификувана работна сила (41,7% од компаниите)
o Недостаток на средства (35,4% од компаниите)
o Намалена побарувачка за производите/услугите (33,3% од компаниите)
o Други фактори (18,8% од компаниите)
Извор: Стопанска комора на С.Македонија