Прилепската Комфи Ангел за десетина дена почнува со производство на 1 милион заштитни маски месечно

Ирена Јакимовска, менаџер на текстилната фабрика од Прилеп Комфи Ангел најави дека за десетина дена компанијата ќе започне целосно нов процес на производство на заштитни медиоцински маски.
“Веќе е нарачана и платена нова машина и се инвестира во нов машински парк кој ќе ни овозможи автоматско производство на маски. Набавена е и испорачана поголема количина на сертифициран медицински материјал, кој е специјалзиран само за производство на маски. Со тоа, компанијата Комфи Ангел за една и пол или најдоцна две недели ќе биде во можност да произведува професионални и сертифицирани професионални медицински маски со капацитет од 1 милион парчиња месечно”, изјави Јакимовска.

Јакимовска, која истовремено е претседател на регионалната Стопанска комора со седиште во Прилеп вели дека прилепските компании не ги отпуштаат вработените.

“Во овој момент нема испуштања од работа на вработените во прилепските компании. Единствено на принуден одмор се вработените во компанијата „Кромберг и Шуберт“ кои немаат репроматеријали. Во „Комфи Ангел“ нема да има отпуштање на вработените и очекувам тоа да го следат другите компании. За предложените мерки за стопанството дополнително на ниво на Стопанска комора на Македонија ќе се разговара, сѐ е во предлог-фаза. Ги поздравуваме мерките на Народната банка за одложувањето на враќањето на главнината од кредитите на правните и на физичките лица во земјава. Тоа ќе го поддржи најнеопходното во овој момент – ликвидноста на компаниите”, вели Јакимовска.