НАТО ја регистрира велешката фабрика БРАКО како потенцијален снабдувач за своите потреби и македонската фабрика во следниот период ќе се обиде да му продаде македонски производи на воениот сојуз.

Сите производи и услуги НАТО ги набавува од компании од неговите земји членки, а  македонското стопанство досега немаше никакви придобивки од влегувањето на земјава во НАТО. БРАКО се надева дека ќе успее да добие тендер за снабдување на НАТО војската.

БРАКО, за војниците и базите на  НАТО, ќе понуди контејнерски системи за кампови и полски болници, медицинска опрема, возила за чистење на воените бази, приколки за транспорт и различни видови на безбедносна жица.

Северна Македонија не може да конкурира во светската воената индустрија на оружје, но секако може да биде испорачател на текстилни производи, униформи, храна, кондиторски производи, како и производи од металопреработувачката индустрија по примерот на БРАКО.

Тоа е начинот како, покрај безбедноста што ја доби со членството во НАТО, Македонија да има и економска придобивка од тоа, која ја заслужува по компромисите кои беа направени за зачленувањето.

Една од домашните компании која веќе има искуство како добавувач е Живинарската фарма „Везешари“ од село Требош – Тетовско.

Сопственикот на компанијата, Арбен Абдурахмани посочува дека продажбата на домашните производи во НАТО е одлична можност за македонските компании за пласман на производите и зголемен профит.

-Ние веќе неколку години продаваме јајца во НАТО преку компании кои се јавуваат на тендери наменети за снабдување на кујните за војниците. Се заинтересиравме за процедурата, ги исполнивме условите, дојде комисија која ја утврди фактичката состојба во фармата, дали ги исполнуваме нивните утврдени стандарди и ја добивме дозволата со која можат компаниите да купуваат јајца од кај нас. Оваа процедура на следливост на производот, значи од набавката на еднодневно пиле, квалитетот на храната за кокошките, условите во кои се одгледуваат и технологијата до произведено јајце, комисијата на НАТО ја врши секоја година и со тоа ни го продолжува одобрувањето – вели за Агротим, Абдурахмани и додава дека македонските компании треба да работата да можат да ги исполнат условите и затоа ги охрабрува да ја искористат оваа можност.

Со членството на Република Северна Македонија во НАТО – Алијансата и по усогласувањето на домашното Законодавство, домашните компании имаат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите-членки, чија вредност надминува 5 милијарди евра годишно.

Министерството за одбрана формираше Центар за поддршка на компаниите при учество на тендерите на Алијансата кој нуди целосна, сеопфатна поддршка за секоја домашна компанија која ќе пројави интерес.