Фармацевтската индустрија е една од ретките индустрии во земјава кои не претрпеа големи негативни последици во периодот на пандемијата со Ковид 19, благодарение на тоа што успеаа брзо да се прилагодат и да бидат одговорни и во време на криза.
Производството на основни фармацевтски производи и препарати во Македонија во првите десет месеци годинава е зголемено за 15, 3% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Во истиот период, индустриското производство на ниво на целата држава бележи пад од 11,3%.
Извозот на лекови и медицински производи, пак, во периодот јануари-октомври е зголемен за 12,4%, во време кога вкупниот извоз во државата бележи пад од 13%.
Вкупниот извоз на фармацевтски и медицински производи во првите десет месеци годинава достигна 87,6 милиони евра, што е за 9,6 милиони евра или раст од 12,4% во споредба со истиот период лани.
Најголем скок во продажбата во странство на фармацевтски производи има во март, што покажува дека македонската фармацевтска индустрија на самиот почеток на пандемијата успеа да реагира брзо и да обезбеди сигурно и редовно снабдување со потребните лекови и дезинфекциски средства, како за домашниот пазар, така и за странските пазари, и покрај тоа што компаниите од оваа индустрија беа соочени со огромни логистички и транспортни пречки и предизвици за да обезбедат суровини за производство и испорака на нарачките на странските пазари.
Компанијата Алкалоид која е најголем и најуспешен претставник од оваа индустрија, најголем производител и извозник на лекови, успеа во овој период да ги зголеми вкупните приходи во работењето и извозот во споредба со истиот период лани, а истовремено да биде и еден од најголемите донатори на домашните здравствените институции во борбата со пандемијата. Алкалоид неодамна ги пушти во употреба и новите производни капацитети, инвестиција вредна 11 милиони евра, со која произвдствените капацитети за цврсти фармацевтски форми се зголемуваат за 50%.
Увозот на лекови растел побрзо од извозот
Податоците на Државниот завод за статстика покажуваат дека во првите десет месеци годинава увозот на фармацевтски производи достигнал 177 милиони евра, што е за 22 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани или пораст од 14,6%.
Најголемо зголемување на страната на увозот имало во февруари, кога месечниот увоз достигнал близу 26 милиони евра, што е најголем месечен увоз во овие десет месеци.