Индустриското производство во август годинава во однос на истиот месец лани бележи раст од само 0,2%. Во периодот јануари – август годинава споредено со истиот период лани индустриското производство бележи раст од 1,2%, објави Државниот завод за статистика.
Индустриското производство минатиот месец јули забележа пад од 5% во однос на ланскиот јули.
Гледано по сектори, индустриското производство во август годинава во однос на август лани бележи опаѓање од 11,5% во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во Преработувачка индустрија има раст од 2,5%, додека секторот Рударство и вадење на камен има раст на производството во август од 2,4% во однос на истиот месец минатата година.
Ако се анализира секторот Преработувачка индустрија, каде се создава околу 81,5% од вкупното индустриско производство на земјата, пад на производството има во 9 од вупно 23 гранки. Најголемо намалување на производството во август производствот на тутунски производи од дури 68,9%.
Големиот пад на производството на метали продолжува веќе четврти месец по ред и во август бележи пад од 38,4% во однос на истиот месец лани. Индустријата за производството на метали, која важи за енергетско интензивна дејност и учествува со 5,6% во вкупното индустриско производство, е силно погодена од големиот раст на трошоците за електрична енергија, па многу компании од оваа дејност одлучија да го намалат или стопираат производството за да не создаваат загуби.
Металопреработувачките компании како Еуроникел, Либерти, Макстил, Дојран Стил се најголемите потрошувачи на енергенси, кои се соочуваат со проблеми да го одржат производството заради преголемото покачување на струјата и гасот. Еуроникел Индустри официјално објави дека го прекина производството и од средината на септември вработените се на принуден одмор.
Производство на фабрикувани метални производи освен машини и опрема во август бележи пад од 19,8%.
Најголем раст на производството има кај производствот на кожа и кожни производ (+33,9%), производство на моторни возила, приколки и полуприколки (+29,1%), производството на хемиски производи (+23,9%), производство на текстил (+22%), производството на пијалоци (+11,1%), производството на лекови и фармацевтски производ (+9,2%) и производство на облека (8,3%).