Производителот на автомобили Фолксваген, кој се соочува со повеќе проблеми, забележа пад на профитот во 2024 година поради зголемените трошоци и падот на продажбата во Кина. Споредено со 2023 година, нето добивката на компанијата во минатата 2024 година падна за 30,6%, на околу 12,39 милијарди евра, додека оперативната добивка забележа пад од 15%, на 19,1 милијарда евра, објавија од групацијата. Истиот период, комапнијата малку ја зголеми продажбата на 324,7 милијарди евра.

Volkswagen се подготвува за умерен раст оваа година. Се очекува продажбата да се зголеми до 5%. Приносот од продажбата се очекува да биде меѓу 5,5% и 6,5 %, по остварениот принос од 5,9 % во изминатата година.
Главниот финансиски директор Арно Антлиц рече дека изгледите ги одразуваат глобалните економски предизвици и длабоките промени во индустријата.

Изгледите за 2025 година не го земаат во пресметките можното влијание на царините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп на увозот од Мексико или Европа, рече Антлиц.
Групацијата Volkswagen е силно изложена на тарифните планови на Трамп за Мексико и Канада. Продажбата на брендот за патнички автомобили VW во САД главно се состои од увоз од неговата мексиканска фабрика, додека батериите требаше да доаѓаат од фабрика за ќелии во изградба во Канада.

Volkswagen пред крајот на минатата година објави дека ќе укине речиси едно од четири работни места во својата основна марка VW во Германија до 2030 година, што ќе изнесува 35.000 работни места.

Според VW, предизвиците првенствено произлегуваат од средина на политичка несигурност, зголемени трговски ограничувања и геополитички тензии.