Нова, втора група од 770 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента – Ковид 3, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија (ЕУ), преку активноста „ЕУзаОтпорност“ од ИПА програмата.

Втората група кредитни барања, информираат од  Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, е во износ од 8,8 милиони евра за 770 компании кои вработуваат вкупно 5.898 лица.

– Од кредитната линија за која се предвидени средства до 31 милиони евра, досега се вкупно одобрени 1.276 барања за вкупен износ од 14,7 милиони евра. Според структурата на досега одобрените кредитни барања, 715 кредитни барања доаѓаат од мали компании, 475 барања од микро компании, 67 кредитни барања од трговци-поединци и 19 кредитни барања се од занаетчии, прецизираат од Развојната банка.

Најголем дел од одобрените 1.276 кредитни барања, додаваат, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 32 отсто, а по него следи Полошкиот регион со 16 отсто, Југозападниот регион со 13 отсто и Југоисточниот регион со 11 отсто. Следуваат Источниот и Пелагонискиот регион со девет отсто од одобрените кредитни барања, додека од Вардарскиот и во Североисточниот регион доаѓаат 5 отсто од одобрените кредитни барања.

– Кредитните барања се обработуваат хронолошки, како што се пристигнати, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него. Одобрувањето на кредитните барања ќе се врши во групи, сè до исцрпување на расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија. Во следните денови, службите на банката ќе достават известување по пат на е-маил порака до адресата на компаниите од тековната состојба за да ги информираат компаниите чии кредитни барања се одобрени, велат од Развојната банка.