Изминатата 2019 година македонската економија остварила извоз од 6,4 милијарди евра, што е годишен раст од 9,6%, додека увозот во истиот период достигна 8,5 милијарди евра и е зголемен за 10,3%, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Трговскиот дефицит во првите девет месеци надмина 2 милијарди евра и е за 12,6% поголем во споредба со трговскиот дефицит во 2018 година. Покриеноста на увозот со извозот во 2019 година изнесува 75,9%, што е намалување во споредба со покриеноста од 76,3% во 2018 година
Раст на извозот се бележи во сите сектори, а најголем раст има кај извозот на нафта и нафтени деривати од 33,6%, кој лани дортигна вредност од 133 милиони евра. Извозот на храна во 2019 година достигна 367 милиони евра и е за 14,9% поголем во споредба со претходната година. Раст од 13,7% има и извозот на машини и транспортни уреди. Раст на извозот од 12,8% има кај извозот на пијалоци и тутун, а извозот на хемиски производи е зголемен за 9,8%, што е најмал раст во изминатата година.
Најголеми извозни приливи Македонија лани имала од извозот на машини и транспортни уреди, чиј извоз во овој период надмина 2,1 милијарда евра, што е околу 33% од вкупниот македонски извоз. Втора најголема вредност има извозот на хемиски производи, кој лани изнесуваше 1,56 милијарди евра и учествува со 24% во вкупниот извоз. На овие овие две групи производи отпаѓа дури 57% од целиот извоз минатата година, а станува збор за извоз кој се создава од страна на странските компании во зоните.
Ако се гледа по групација на земји, најголем дел од извозот лани или 80% бил кон земјите од Европската унија (ЕУ), кој бележи раст од 7,9% и на крајот на 2019 година достигна вредност од 5,2 милијарди евра.
Втор најголем извозен пазар за македонските извозни компании биле земјите од Западен Балкан каде во текот на изминатата година се извезени производи во вредност од 734 милиони евра, кој бележи годишно зголемување од 13,6%.
Голем раст на извозот од дури 148% се бележи во земјите од Азиско-пацифичкиот регион, главно во Кина, каде во 2019 година е реализиран извоз во вредност од 155 милиони евра.
Дури 48% од извозот оди во Германија
Гледано по земји, најголем дел од извозот или дури 48,7% бил насочен кон Германија, каде лани се продадени производи вредни 3,1 милијарди евра и тоа главно од извозот на автомобилски делови. Извозот во Германија лани бележи годишен раст од
13,5%, што упатува на мало забавување на извозот во споредба со претходниот период, но очигледно негативните ефекти од забавувањето на германската економија се уште не се чувствуваат силно на македонскиот извоз.
Втор најголем извозен пазар за македонските компании лани била Бугарија со извоз вреден 313 милиони евра, кој бележи раст од 2,8% на годишно ниво.
Косово е трет најголем пазар за македонските извозни компании кои лани на овој пазар продале производи вредни 297 милиони евра, што за 31,7% повеќе во споредба со 2018 година.
Србија е четврт по големина извозен пазар со извоз вреден 248 милиони евра во 2019 година, кој е 5,5% поголем во споредба со истиот период во 2018 година.